Тројца бугарски политичари вмешани во аферата со бугарските пасоши

Заменик премиер, министер и пратеник во Европскиот парламент се последните имиња кои се појавија во аферата со бугарските пасоши, октрива Еуроактив. Станува збор за Красимир Каракачанов, Екатерина Захариева и Андреј Ковачев и тројцата еминентни бугарски политичари. Нивната поврзаност во скандалот, за Еуроактив ја открива Катја Манева, поранешна директор на Советот за државјанство, која била сменета од страна на Захариева под притисок на Каракачанов и Ковачев. Манева до бугарското овинителство кое ја води истрагата, доставила документи и дала исказ според кој партијата ВМРО на Каракачанов финансиски опстојувала единствено од митото добивано за бугарските пасоши. Матева тврди дека таа во 2016-та година стопирала 7.000 сомнителни барања за издавање потврди за потекло, со што го навлекла бесот на заменик премиерот. Каракачанов побарал од Захариева, која во тој период била министерка за правда, да ја отпушти Матева и да го одблокира процесот за издавање пасоши на странци. Захариева од почеток застанала во одбрана на својата подредена, но по состанокот кој го организирал европратеникот Ковачев со бугарски невладини организации од Македонија, попуштила под притисокот.

Захариева и Ковачев изјавија дека се изненадени од обвинувањата. Захариева тврди дека и препорачала на Матева да го прошири нејзиниот директорат со нови вработувања и да направат подобрувања во ИТ системот, што директорката тогаш одбила. Ковачев пак, во своја одбрана, тврди дека состанокот со невладините организации бил одржан затоа што меѓу блокираните апликанти имало внук на бугарска историска личност и одбивањето на неговото барање би било срам за Бугарија.

Обвинителството кое ја води истрагата и полицијата, до сега уапсија четири лица, меѓу кои и директорот на Агенцијата за Бугарите во странство, кого го сомничат дека бил организатор на групата која наплаќала мито за издавање бугарски пасоши. Аферата го натера премиерот Борисов да најави затварање на Агенцијата и пронаоѓање друг начин како да им се помогне на Бугарите во странство за издавање документи.

 

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ