Три лица повредени при нападот врз Амбасадата на САД во Багдад

Најмалку три лица се повредени во ракетниот напад врз Амбасадата на САД во Багдад, објави ирачката телевизија повикувајќи се на ирачките безбедносни служби.

Истрелани се пет ракети „Качуша“ од кои три паднале директно врз комплексот на Амбасадата на САД, а една од нив ја погодила кафетерија за време на вечерата.

Првпат во ракетен напад да е погоден комплексот згради на Амбасадата на САД во ултра сигурната Зелена зона во Багдад, која во последните месеци често е мета на напади.

Дипломатската мисија на САД во рок од една недела двапати е мета на напад. На 20 јануари во близина на Амбасадата паднаа три ракети.

Кон крајот на декември загина еден американски државјанин при ракетен напад врз база во северен Ирак, каде се стационирани американските војници. Во знак на одмазда Вашингтон на 29 декември изврши воздушни напади врз неколку бази на Бригадите на Хезболах. Најмалку 25 борци на Хезболах загинаа во тие напади, а на 31 декември илјадници нивни приврзаници ја нападнаа Амбасадата на САД во Багдад.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ