Трета жртва на коронавирусот на Балканот

Во Грција рано утрово беше регистрирани првиот смртен случај од коронавирусот. Грција е третата земја во која има смртен случај од Ковид-19 откако вчера првите починати ги регистрираа Бугарија и Албанија.  Во земјата има најмногу регистрирани случаи на заболени на Балканот, речиси 100. Бројот на нови случаи се зголемува на Балканот, во Словенија изминативе 24 часа регистрирани се 30 нови случаи, со што бројот се искачи на 82 заразени лица. Хрватска и Србија имаат по 19 заразени, додека во Албанија има 12 а Бугарија 7.

Во Италија, која е вчера е и официјално најпогодената држава после Кина, од денеска се затворени сите трговски објекти, освен аптеките и продавниците за храна. Во телевизиско обраќање премиерот Џузепе Конте им порача на компаниите во земјата, да ги затворат сите оддели кои не се неопходни во производствениот процес.

Очигледно, основните јавни услуги остануваат загарантирани вкучувајќи превозот, јавните комунални услуги, осигурувањето, финансиите, поштата, банките како и сите останати неопходни активности кои во секој случај придонесуваат за правилното фунцкионирање на секторите. Активностите во земјоделскиот и сточниот сектор, вклучувајќи ги и синџирите за снабдување поврзани со нив, остануваат загарантирани, рече Конте.

Во земјата има 12.462 регистрирани случаи на заболени од кои починаа 827 лица.

Се поголемиот број заболени во САД го натера американскиот претседател Доналд Трамп да воведе привремена забрана за сите летови од континентална Европа во САД, освен од Велика Британија, во обид да се спречи ширењето на коронавирусот.

За да спречиме влегување на нови случаи на нашите брегови, ќе ги суспендираме сите патувања од Европа кон САД во следните 30 денови. Новите правила стапуваат на сила во петок на полноќ. Овие рестрикции ќе бидат променливи во зависност од состојбите на терен, изјави Трамп.

Одлуката наиде на критики од Европа. Шарл Мишел, претседателот на ЕС соопшти дека унијата денеска ќе ја процени новата ситуација, но и порача да се избегне економското нарушување во обидите да се спречи ширењето на вирусот.

Покрај Италија, ситуацијата со коронавирусот е најсериозна во Иран. Иако земјата има ограничени можности за тестирање на нови случаи, сепак бројот на официјално позитивно регистрирани случаи надминува 9.000 со 354 смртни случаи. Поради тоа СЗО синоќа соопшти дека во земјата испраќа 10.000 комплети за тестирање, како и друга медицинска помош.

Кина од каде започна ширењето на вирусот денеска објави дека пикот на епидемијата во земјата поминал, откако денеска беа регистрирани само 15 случаи.

Според последните податоци на глобално ниво досега се регистрирани 126.513 луѓе заразени со новиот коронавирус. Од нив починати се 4.630, а оздравеле 68.319.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ