Трамп воведе царини на алуминиумот и челикот – Трговска војна САД-ЕУ?!

САД воведуваат царини на алуминиумот и челикот кои се увезуваат од Канада, Мексико и ЕУ, со што се отвара можност за нова трговска војна помеѓу САД и некои од нивните најблиски сојузници.

Американскиот министер за трговија Вилбур Рос изјави дека царините од 25 отсто на увозот на челик и 10 отсто на увозот на алиминиум од ЕУ, Канада и Мексико стапуваат на сила по полноќ, по американско време.

Американскиот министер го минимизираше влијанието на можните европски контрамерки, и наведе дека поставувањето на тарифите не значи дека не може да се преговара.

„Дали штотуку им објавивме трговска војна на некои од нашите најблиски трговски партнери и сојузници“?

„Не, воопшто. Како што знаете ова беше тема за дебата долго време и влијае како многу мал процент на нашите економии, помалку од 1 процент“.

Но, Брисел не мисли дека воведувањето на царинските тарифи е најдобриот начин за да се седна на маса и да се преговара. Првичните мерки со кои Европа се заканува да се реваншира би ги погодило американските продукти како фармерки, мотори и бурбон, во висина од 3 милјарди евра.

Мораме да им одговориме, е ставот на францускиот министер за финансии, Бруно Ле Мер, кој сепак потенцираше дека Европа се противи на трговска војна, која само би го намалила економскиот раст.

„Глобалната трговија не е „Пресметка кај ОК Корал. Не е работата кој кого прв ќе нападне и после да чека да види кој останал на нозе на крајот. Ова само може да доведе до победа на тие што сакаат помалку раст, тие што не мислат дека можеме да ги развиеме нашите економии низ светот. Напротив, мислиме дека глобалната трговија мора да има правила во контекст на мултилатерализмот. Подготвени сме одново да го изградиме мултилатерализмот заедно со нашите американски пријатели“, кажа Бруно Ле Мер – Министер за финансии на Франција.

Се огласи и шефот на Европската Комисија, Јункер, кој не гледа друга алтернатива, освен Европа да преземе контрамерки.

„Ова е лош ден за светската трговија. Европската Унија не може да реагира без каква било реакција и затоа веднаш ќе покренеме спор пред Светската трговска организација и во наредните часови ќе ги најавиме контрамерките, се што тие можат да направат, можеме и ние“, кажа Јункер

Со други зборови примирјето заврши и трговската војна може да почне. Европа не успеа во својот обид да го разубеди Трамп од неговата одлука во духот на унилатералноста и флоскулата „Америка пред се“.

Парадоксално, но оваа трговска офанзива на САД ги погодува речиси единствено сојузниците на Америка, односно Европа, но една Канада и Мексико. Кина не е многу допрена од ваквите мерки, од проста причина што Пекинг извезува многу мала количина на челик и алуминиум. И тука е најголемата слабост на политиката на Трамп, што можеби и оправданите забелешки околу нерамнотежата на платниот биланс, не знае да го третира од аспект на една стратегија на сојузите, повредувајќи ги своите докажани партнери, а со тоа и сопствените долгорочни интереси.

Но, треба да се фрли поглед и на изборниот календар со цел да се разбере потегот на Трамп. Челикот и алуминиот се зони на производство кои гласаат за Трамп. Во ноември месец се законодованите мидтерм избори, па овие мерки се пред насочени на тоа поле, односно на гласовите од американскиот мидвест, срцето на американската челична индустрија.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ