
Трамп стана половичен претседател – Почнува крајот на неговиот апсолутизам
Нема крај на трампизмот, но почнува крајот на ерата на неговиот апсолутизам и политичко самоволие.
Америка е длабоко поделена, и електоратот му испрати јасен сигнал на Доналд Трамп, преполувајќи ја неговата моќ со победата на демократите во Парламентот.
Но, што навистина се менува. Почнувајќи од јануари 2019 година, парламентарното мнозинство на демократите ќе може ги кочи, да ги саботира, или бојкотира сите претседателски реформи, секој предлог буџет, но најважно од се, Парламентот ќе може да ја извршува својата оригинална уставна прерогатива, односно, да ја надгледува и да ја контролира работата, па дури и да води истрага за претседателот. Нешто што најверојатно ќе се преточи во отварање на голем број парламентарни комисии кои ќе можат да добијат влез во податоците за данокот, финансиите и конфликтите на интерес, кои Доналд Трамп досега љубоморно ги криеше.
„Ова е голема работа. Ова суштински го менува балансот на моќ во Вашингтон за наредните две години од претседателството на Трамп. Што е најважно демократите во Конгресот добиваат моќ да изададат налози и да користат законски мерки за да добијат податоци за даночните пријави на Доналд Трамп кои се обидуваа долго време да ги добијат. Демократите суштински ќе можат да ја парализираат агендата на Трамп. Трамп сака да менува работи кај даноците, можеби здравството, сигурно околу имиграцијата. Тој сака да го изгради својот ѕид. Претседателот имаше проблем да го изгради ѕидот и со Конгресот во раце на републиканците. Сигурно тоа ќе му стане многу, многу потешко со демократите“.
Што значи ова за САД и Трамп. Следуваат две години на таканаречено „борбено“ претседателство, во кои Трамп повеќе ќе се посвети на кампањата за реизбор на следните претседателски избори, отколку што ефективно ќе владее.
Најверојатно, ќе го употреби слоганот на голем број претседатели пред него кои останале без мнозинство: Овој Конгрес не ми дозволува да владеам, изберете ме повторно и дајте ми силно мнозинство.
Следуваат бурни две години, и позицијата на Трамп ќе биде нападната од подемот на се уште ембрионалните, но ветувачки прогресивни сили кои го победуваат политичкиот естаблишмент кај самите демократи и иднината на Америка ја гледаат во различноста и плурализмот. Вреди да се споменат. Ајана Пресли – првата жена афроамериканка избрана за Парламентот во Масачусес. Рашида Тлаиб, првата жена муслиманка воопшто избрана за Конгресот.
И се разбира, веќе симпатијата на прогресивниот свет, новата ѕвезда на демократите, пепелашка од Бронкс, најмладата пратеничка во историјата на САД, социјалистката со порториканско потекло Александриа Окасио Кортез.
Овие неколку жени, и нивните тешки приказни, се целосна спротивност на Трамп и неговите политики. Доказ дека радикалните, но добри политики функционираат. Дека во Америка политиката не е резервирана само за богатите и привилигираните, и дека едно сиромашно девојче, може да стане тоа што сака. Баш како во бајката за Пепелашка.
Ивор Мицковски