Трамп пристигна во Давос, европјаните го очекуваат неговото обраќање

Американскиот претседател пристигна во Давос. Доналд Трамп е првиот претседател по Бил Клинтон кој учествува на Светскиот економски форум. Меѓутоа останатите политички лидери на форум, воопшто не се возбудени за неговото присуство ниту пак за неговото планирано обраќање.

„Се надевам дека ќе испрати порака, секако ќе биде „Америка на прво место“, но ако може да додаде „но не сама“ или „но Америка на прво место и потребна ни е соработката од остатокот од светот или што било. Тоа би било добро“, кажа Ларс Локе Расмусен – Премиер на Данска

Дел од нив ја критикуваа неговата надворешна политика и особено повлекувањето од парискиот климатски договор.

„Најочигледниот парадокс кога доаѓате овде, е да зборувате за глобализација на место кое поради снегот е речиси отсечено од светот. Особено со Давос, кога ќе погледнете надвор, посебно кога ќе пристигнете и ќе влезете во оваа зграда. Мислам, би било тешко да поверувате во глобалното затопливање. Очигледно и за среќа , оваа година немате покането никој што е скептичен за глобалното затоплување“, се пошегува Емануел Макрон – Претседател на Франција

Тимот на Трамп беше пречекан со многу прашања во Давос, повеќето од нив се однесуваат на забелешките од Европјаните кои стравуваат од неповолен ефект на американските економски и трговски политики кон глобалната економија која бележи најсилен раст во последните години.

„Имаме многу средби денеска, многу дискусии фокусирани само на меѓународната трговија. Тоа што е добро за САД е добро и за остатокот од светот, во смисла на развој“, кажа Стивен Мнучин – Министер за финансии на САД.

Трамп денеска ќе се сретне со британската премиерка Тереза Меј и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, основачот на форумот Клаус Шваб и ќе присуствува на вечера со европски бизнисмени. Обраќањето на Трамп пред форумот е закажано за утре.

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ