Трамп повторно се пишмани за самитот со Ким Џонг Ун

Трамп во рок од 24 часа два пати се премисли за долгоочекуваниот самит со Северна Кореја. Најпрво не можеше да се воздржи и да им се пофали на американските новинари дека се договара директна средба со Ким Џонг Ун, за потоа да рече самитот е доведен во прашање поради непријателскиот однос на Северна Кореја.

Сепак, американскиот претседател се воздржа од понатомошно објавување на Твитер, и на кратка прес конференција потврди дека закажаниот самит на 12 јуни во Сингапур останува непроменет.

„Ќе видиме што ќе се случи. Сега разговараме со нив. Тие истакнаа многу убава изјава. Во игра и натаму е датумот на 12 јуни, тие сакаат самитот да се одржи, исто така и ние сакаме истото да се случи“, изјава Доналд Трамп.

Придонес во ваквото брзо предомислување на Трамп има втората директна средба на двете официјално завојувани страни. Ким се сретна со претседателот на јужна Кореја Мун Џае Ин северно од меѓусебната граница која е под тешка воена контрола.

Државната телевизија од Северна Кореја прикажа и снимка која е во холивудски стил со грандиозен пречек и срдечни поздрави на лидерите на двете Кореи.

Двајцата претседатели повторно пренесоа пораки на пријателство, и ја истакнаа заложбата на северот за сопирање на програмата за развој на нуклеарно оружје. Мун посочи дека Северна Кореја се надева на искрен пристап на американската страна во изнаоѓање трајно решение за мир, па е подготвен како сојузник на САД да се реализираат таков вид на гаранции.

Во самата администрација на претседателот Трамп има многу екстремни советници за национална безбедност како што е Џон Болтон кој во минатото се залагаше за воен удар во Северна Кореја. Тој искоментира дека Ким може да заврши како либискиот лидер Моамер Гадафи, растргнат на улиците.

Токму тоа крило во Белата куќа не посакува брзо и трајно решение кое ќе гарантира мир и спречување на евентуална употреба на нуклеарна бомба, туку сака промена на режимот на Ким Џонг Ун по секоја цена.

Христијан Станоевиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ