Трамп подготвен да разговара со специјалниот обвинител во истрагата за Русија
Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека е подготвен да бидат интервјуиран, под заклетва, од специјалниот обвинител Роберт Мјулер, кој го истражува мешањето на Русија во претседателските избори на САД во 2016 година.
– Всушност, јас се радувам на тоа. Би го направил тоа под заклетва, изјави Трамп пред новинарите во Белата Куќа.
Мјулер претходно, во контекст на истрагата за наводната вмешаност на Русија во претседателските избори во САД, изрази желба да разговара со Трамп за неговата одлука минатата година да ги отпушти поранешниот директор на ФБИ Џејмс Коми и советникот за национална безбедност Мајкл Флин.
Мјулер истражува дали Трамп ја попречувал правдата кога од Коми во почетокот на 2017 година побарал да се откаже од истрагата за контактите на Флин со рускиот амбасадор во Вашингтон, а потоа неколку месеци подоцна го отпушти директорот на ФБИ, кој тогаш водеше посебна истрага за вмешаноста на Русија.
Трамп повеќепати ги негираше обвинувањата дека неговата кампања била во дослух со Русија.
Претседателот пред неколку месеци рече дека ќе се согласи да се сретне со истражителите на Мјулер, но неодамна ја доведе во прашање потребата од какви било разговори со оглед на тоа, како што кажа, „немало тајно договарање“.
Барањето на Мјулер од адвокатите на Трамп да го прашаат својот клиент за одлуката да го отпушти Флин, бидејќи го лажел потпретседателот Мајкл Пенс за контактите со амбасадорот Сергеј Кисљак, потоа разговорот на Трамп со Коми за евентуалното повлекување од истрагата на тогашниот советник за национална безбедност и подоцна отпуштање на директорот на ФБИ, укажува на тоа дека специјалниот истражител сега се фокусира на прашањето за попречување на правдата, наведува „Гласот на Америка“.
Трамп претходно изјави дека не е точно дека побарал од Коми да се откаже од истрагата за Флин.