
Трамп најави нов американски момент и повика на обединување
„Ова е всушност нашиот нов американски момент. Никогаш немало подобро време да се почне да се живее американскиот сон“, кажа на самиот почеток Трамп.
Во знакот на оптимизмот и самобендисаноста на Трамп помина неговото прво претседателско обраќање до нацијата, традиционалниот говор во кој американските претседатели ги сумурираат состојбите во државата.
Америка е цврста, Америка е моќна, Америка е силна како никогаш досега. Невработеноста сведена на минимум, рекорди на Вол Стрит после даночната реформа, на Трамп единствено што му недостасува е обединетост околу неговите розови убедувања, нешто на што ги повика Американците и политичките противници.
„Вечерва апелирам до сите нас, да ги ставиме настрана нашите разлики, да ја пронајдеме заедничката основа и да се повикаме на обединетоста која мора да ја обезбедиме за нашиот народ. Ако постои граница, ќе ја преминеме. Ако постои предизвиг ќе го припитомиме. Ако имаме можност, ќе ја зграпчиме. Затоа дозволете да почнеме вечерва со признание дека состојбата на нашата унија е силна затоа што нашиот народ е силен“.
Трамп за говорот се подготвувал преку 6 месеци, константно боимбардијарќи ги своите советници и членови од кабинетот со фрази, идеи и досетки за финалниот говор кој потоа му го составиле со идејата да му дадат белег на еден внимателен државник, кој уште од првте зборови поканува на обединетост. Но, маслиновото гранче подадена до демократите, не ја трогна баш Ненси Пелози, поранешната спикерка на Конгресот. Поканата за обединетост се судри со реалноста во салата, каде една половина постојано даваше стоечки овации, додека другата половина упорно седеше.
Економијата пред се, Америка е земјата на градителите, во едно ораторско крешендо Трамп дури и сам на себе си аплаудираше.
„Со цел да го направиме Вашингтон отчетен, елиминиравме повеќе регулативи во нашата прва година, од која било администрација во историјата на нашата земја“.
„Америка исто така го сврте листот после децении на нефер трговски договори, кои го жртвуваа нашиот просперитет и ги избркаа нашите фирми, работни места и нашето национално богатство. Нашата нација го изгуби своето богатство, но ние го враќаме така брзо. Ерата на економското предавање е целосно готова“.
Во надворешната политика, во ситуација кога односите со остатокот од светот стануваат се покомплицирани, позицијата на Трамп е дека само супериорната сила на Америка може да ја одбрани нацијата.
„Како што ја возобновуваме нашата сила и доверба дома, така ја враќаме и нашата сила и позиција надвор. Низ светот се соочуваме со одметнати режими, терористички групи, и ривали како Кина и Русија кои ги предизвикуваат нашите интереси, нашата економија, нашите вредности. Во соочување со овие опасности, знаеме дека слабоста е најсигурниот пат до конфликт, и дека супериорната сила е најсигурното средство за нашата вистинска одбрана“.
Говорот на Трамп беше долг, предолг, речиси час и половина. И не сите се убедени од кажанато, особено не сенаторот Берни Сандерс.
„Американскиот народ не сака претседател кој е компулсивно нечесен, кој е силеџија, кој активно ги застапува интересите на класата на милијардери, кој е против науката, и кој се обидува да не подели на основа на бојата на нашата кожа, нацијата од која потекнуваме, нашата религија, родово или според нашата сексуална ориентација“, кажа сенаторот Берни Сандерс.
Заклучокот од говорот е дека Трамп и покрај добрите намери беше преопшт, неговите политики без конкретна подлога, односно премногу реторика и премногу прашалници дали се што говори може навистина да се оствари.
„И Господ нека ја благослови Америка. Добра ноќ“.
Ивор Мицковски