
Трамп ја распоредува Националната гарда на границата со Мексико
Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша наредба за распоредување припадници на Националата гарда на американско-мексиканската граница со цел спречување илегална имиграција, сметајќи дека ситуацијата е на „критична точка“.
„Моменталната погранична безбедност и имиграциските закони не им служат на Американците. Системот наградува лошо однесување, не ги казнува прекршителите на законот, ги поткопува националните економски интереси. Да не постои заблуда, забрана без можност за брзо отстранување на тие без легитимна причина не е погранична безбедност, не е национална безбедност“, изјави Секретарот за внатрешна безбедност, Кирстјен Нилсен.
Наредбата е објавена неколку часа откако Трамп побара „силна акција“ за прашањето за миграцијата и ден откако рече дека ќе ја употреби армијата за обезбедување на јужната американска граница додека долгоочекуваниот ѕид не биде изграден. Американски медиуми повикувајќи се на неименуван извор, јавуваат дека се очекува распоредување на 300 до 1.200 членови на Националната гарда. Трошоците би биле од 60 до 120 милиони долари годишно. На Пентагон најверојатно ќе му треба одобрување од Конгресот за финансирање на операцијата.
„Пограничната патрола, како што знаете поднесе детален план во Конгресот, каде ни е потребен ѕидот и каков тип ни е потребен. Завршивме со оценката на сите прототипови“, тврди Нилсен.
Американските медиуми ибјавија, преку анонимни извори, дека Пентагон стравува испраќањето на Националната гарда на границата со Мексико да испрати порака за непријателство кон важен сојузник на САД во Латинска Америка. Ова не е прв случај во кој САД испраќаат војници на граница со Мексико. Во 2006 година беа распоредени околу 6.000 припадници на армијата за подобрување на безбедноста на набљудувањето. За две години во операцијата учествувале околу 29.000 воници од Националната гарда и беа изградени над 48 км гранични прегради, над 137 км прегради за преминување на превозни средства како и над 20 км патишта.
Игор Трајков