
Трамп ја откажа средбата со Путин поради кризата меѓу Русија и Украина
Доналд Трамп ја откажа средбата со рускиот претседател Владимир Путин закажана за следната сабота на маргините на Г20 самитот во Буенос Аирес.
Како по навика, американскиот претседател веста ја објави самиот на Твитер. Причина за откажувањето на средбата е актуелната криза помеѓу Русија и Украина.
„Со оглед на фактот дека морнарите и бродовите не се вратени од Русија во Украина, одлучив дека најдобро е за сите да го откажам закажаниот состанок во Аргентина со претседателот Владимир Путин. Се радувам на значителниот Самит, штом оваа ситуација заврши“, напиша Трамп на Твитер.
Откако избија новите тензии помеѓу Русија и Украина, Трамп изјави дека е можно да нема средба со Путин во Буенос Аирес.
Три украински воени бродови беа пресретнати од руската морнарица во Црно Море, откако наводно навлегле во руски територијалнио води во неделата. И додека Киев тврди дека Русија била известена за тоа, Москва наведува дека не добила известување.
Украинските бродови се задржани, додека екипажите се уапсени.