Трамп и Путин во еден глас: „Рашагејт е фарса“ – „Не се мешавме во изборите“

Трамп и Путин демонстрираа задоволство и разбирање од денешната средба и разговорите во Хелсинки.

„Доста со Студената војна“, ќе изјави Путин, поддржан од Трамп за кој Студената војна меѓу Вашингтон и Москва е завршена.

„Студената војна од одамна е завршена. Времињата на акутна идеолошка спротивставеност меѓу двете земји е станата нешто од минатото, глобалната ситуација, длабоко е промената“, истакна Путин.

„Нашите нации се бореа рамо до рамо во Втората Светска војна. Дури и за време на тензиите од Студената војна, кога светот изгледаше многу поинаку од денес, САД и Русија беа во состојба да оддржат силен дијалог“, додаде Трамп.

Според Трамп, односите меѓу двете земји се променети во последните 4 часа. Вашингтон и Москва ќе отворат нови патишта кон мирот и стабилноста во светот.

Шефот на Белата куќа потоа ќе се осврне на темата околу руското мешање во американските избори или случајот Рашагејт, и тоа што можеше да се забележи е како ставовите на двајцата претседатели прецизно се поклопуваа и надополнуваа.

„Немаше никаков заговор. Не го познавав претседателот. Немаше со кого да се заговара“, кажа Трамп.

„Руската држава никогаш не се вмешала, ниту планира да се меша во внатрешните работи на САД, вклучувајќи го изборниот процес“, кажа Путин.

Трамп ги обвини демократите за истрагата и дека е мотивирана од фактот што изгубиле на изборите, додека Путин, како поранешен разузнавач, инсистираше дека станува збор за обична лага и дека Русија е демократска држава, исто како и Америка. Трамп потоа истакна дека Путин имал интересна идеја.

„Потрошив голем дел од времето разговарајќи за тоа и претседателот Путин мислам би сакал да се обрати многу силно на темата затоа што има силни чувства околу тоа, и тој има интересна идеја“.

„Можеме да и предложиме на комисијата водена од специјалниот обвинител, како му беше името, Мулер, Милер, во рамки на договорот за екстрадиција, да ни испратат официјална листа на прашања со цел тие луѓе за кои мислат дека се виновни за некаков вид на нелегални активности, да бидат испрашани“.

Се разбира интересната идеја би се остварила под услов и Русија да добие право да испрашува американски граѓани вмешани во шпијунажа.

Помирувачко однесување на Трамп наиде на остри критики.

„Трамп нема, нема храброст да каже: еве го тука, се е напишано во обвинението. Ова е тоа што вие го направивте. Ова се луѓето кои се вмешани. Тие се очигледно дел од вашата влада, вие сте одговорни за вашата влада“, смета поранешниот американски амбасадор во Русија, Томас Пикеринг.

Претходно, двајцата претседатели имаа двочасовна тет а тет средба, додека самитот беше во сенка на сомнежот дека Трамп го употребува приближување со цел да им ја врати услугата на русите кои му помогнаа во изборната кампања и најверојатно, беа клучни во неговата победа.

Сомнежите во Вашингтон одат дотаму што имаше и барања да се откаже самитот, или во најмала рака, претседателот да биде придружен од искусни дипломати и експерти, кои не би дозволиле дополнителни интриги на самитот.

Тоа од што највеќе се плашат професионалците, особено по штетата и поделбите кои Трамп ги создаде на НАТО самитот, на Г7, дури и изјавата дека ЕУ е непријател на САД, е дека договорот со Русија може да доведе до „финландизација“ на Балтикот.

Неологизам од Студената војна според кој земјите од Балтикот и Источна Европа би можеле да одберат позиција на неутралност или да подпаднат под благо влијание на Москва, како што беше случајот со Финска до падот на железната завеса.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ