
Трамп и Јункер се договорија, крај на трговската војна меѓу САД и ЕУ
САД и ЕУ се договорија да стават крај на трговскиот конфликт кој доведе до взаемни казнени царини. По средбата во Белата Куќа, Доналд Трамп и претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, се појавија пред новинарите насмеани со изјава дека имале многу добар ден и констурктивна средба и најавија нова фаза во односите меѓу САД и ЕУ. Клучно е што на средбата било договорено да се стремат кон укинување на царини во трговската размена на индустриски стоки, со исклучок на автомобилскиот сектор. ЕУ веднаш ќе го зголеми увозот на соја од САД, соопшти Трамп и вети дека ќе го преиспита прашањето за американските царини за европскиот алуминиум и челик.
Јункер истакна дека тој и Трамп се согласиле да не се воведуваат нови царини се додека течат преговорите, за кои веднаш ќе се формира работна група.
Сепак дел од царините кои ги наметна САД во март оваа година ќе останат на сила и за нив допрва ќе се разговара. А тоа се царините за увозот на челик од 25 отсто и за алуминиум 10 отсто – давачки , кои согласно македонските договори со ЕУ влијаат и на македонската економија.
Меѓу првите кои го поздравија договорот кој го постигнаа Трамп и Јункер беше Германија која беше силно критикувана од американскиот претседател поради економските врски со Русија.
Огнен Чанчаревиќ