
Трамп и демократите ја експалираа борбата за буџетот
Делумната блокада на американската федерална влада ќе продолжи. Синоќешното телевизиско обраќање на претседателот Трамп дополнително ја ескалира ситуацијата во Конгресот. Трамп нема да потпише никаков закон за новиот буџет во кој нема да бидат предвидени 5,7 милијарди долари за ѕидот кон Мексико.
- Уште колку американска крв мора да протече пред Конгресот да ја заврши својата работа? Тие кои одбиваат компромис за граничната безбедност ги прашувам: Замислете тоа да беше вашето дете, вашиот сопруг или сопруга чиј живот е толку сурово потресен и целосно скршен, соопшти Трамп.
Не попуштаат ни демократите кои на ноемвриските избори освоија мнозинство во Претставничкиот дом на Конгресот. Тие го обвинуваат Трамп дека ја држи целата нација во заложништво поради неговата опсесија за ѕид на границата со Мекско.
- Никој претседател не треба да удри на маса и да бара да биде како што сака тој или ќе се блокира владата, повредувајќи милиони Американци, искористувајќи ги како сресдство за пазарње, вели Чак Шумер – Лидер на малцинството во Сенатот
За разлика од претходните негови излагања во врска со пограничниот ѕид, се чини дека овој пат американскиот претседател се откажа од планот да го натера Мексико да плати за изградбата на ѕидот.
- Ова е само здрав разум. Пограничниот ѕид многу брзо самиот ќе се исплати. Цената на шверцуваната дрога надминува 500 милијарди долари годишно, многу повеќе од 5,7 милијарди кои ги побаравме од Конгресот. Ѕидот исто така ќе биде платен и од големиот нов трговски договор со Мексико, вели Трамп.
Економските експерти и извештаите од самата негова влада ги негираат овие негови произволни проценки. И додека трае ова препукување, Трамп полека ја губи подршката кај републиканците во Конгресот а и ги исцрпува законските права до каде може да влијае врз одлуката за новиот буџет. Дел од медиумите шпекулираат дека е подготвен, како последна опција, да прогласи национална вонредна состојба, преку која ќе добие одврзани раце врз одбранбениот буџет, чии средства би ги искористил за изградбата на ѕидот.
Игор Трајков