
Трамп го отпушти советникот за национална безбедност, Џон Болтон
Американскиот Претседател, Доналд Трамп, го отпушти својот советник за национална безбедност, Џон Болтон.
“Го информирав Џон Болтон минатата ноќ дека неговите услуги веќе не се потребни во Белата Куќа.” – напиша Трамп на Твитер.
Американскиот претседател тврди дека тој силно се спротиставил на многу од препораките кои ги давал Болтон, додавајќи дека новиот советник за национална безбедност ќе биде именуван наредната недела.
Отказот за Болтон доаѓа по веста за судирот кој го имал со Трамп околу најавите за мировните преговори на американската администрација со Талибанците.
Болтон, кој ја вршеше функцијата од Април 2018-тата година, беше третиот советник за национална безбедност на Трамп по Мајкл Флин и Ејџ Ар Мекмастер.
По објавата на Трамп на Твитер, Џон Болтон, на истата социјална мрежа напиша дека тој уште вчера ја понудил својата оставка, но Трамп му кажал дека денеска ќе разговараат.