
Трамп: ФБИ губи време на мене наместо да ги извршува своите обврски
Американскиот претседател Доналд Трамп го обвини Федералното истражно биро (ФБИ) дека троши време за да докаже постоење на руски заговор за време на претседателските избори во 2016 година, наместо да се посвети на извршување на своите обврски. Според Трамп, ФБИ губи претерано многу време во обидите да докаже дека постоел заговор меѓу неговите соработници и Русија, па затоа не успеало да го спречи тинејџерот Николас Крус, кој во средата уби 17 лица во училиште во градот Паркленд во американската сојузна држава Флорида.
– Многу е жално што ФБИ ги пропуштило сите многубројни сигнали и не реагирало против извршителот на нападот во училиштето во државата Флорида. Тоа е неприфатливо, објави Трамп на Твитер. Тој додава дека ФБИ губи многу време за да докаже дека постоел руски заговор во неговата предизворна кампања.
– Нема таков заговор, вратете се кон вашите основни обврски и дајте ни причина на сите да се гордееме, наведе Трамп.
Претходно и гувернерот на Флорида, Рик Скот, го обвини ФБИ за пропусти и побара оставка од директорот на Бирото, Кристофер Реј. Трамп досега во неколку наврати го обвини ФБИ за партизација и за работење во корист на Демократската партија.