
Трамп бесен на демократите го напушти состанокот за новиот буџет
14 минути траеше последниот обид на американскиот претседател и демократските лидери во Конгресот за усогласување на новиот буџет и ставање крај на делумната блокада на федералната влада. Трамп го напуштил состанокот откако спикерката во Претставничкиот дом Ненси Пелоси и лидерот на демократите во Сенатот Чак Шумер, одбиле да се согласат со барањето за финансирање на ѕидот долж границата со Мексико.
Тој ја праша спикерката Пелоси доколку се одблокира работата, ако брзо ја одблокира владата, дали таа би се согласила за финансирањето на ѕидот или бариерата на јужната граница. И кога таа одговори не, претседатлот рече догледање, изјави потпретседателот Мајк Пенс.
Пелоси и Шумер изјавија дека биле сведоци на уште еден напад на бес од претседателот затоа што состанокот не се одвивал по негова желба, зборувал на висок тон и удирал по масата.
Тоа е сурово, бездушно и тоа е искористување на милиони невини луѓе како пиони, и тоа е погрешно. А по неколку минути, тресна на масата кога претседателката Пелоси му кажа дека не се согласува со ѕидот, тој само замина и рече нема за што да зборуваме. Рече дека е губење време. Тоа е тажно и несреќно, рече Шумер по состанокот.
Откако нагло го прекина состанокот Трамп одлучи сам да се увери каква е состојбата на границата со Мексико. Тој претходно на американските медиуми им потврди дека ја разгледува опцијата за прогласување национална вонредна состојба, која ќе му го стави на располагање одбранбениот буџет.
Знаете дека не се грижам за политика, го правам тоа што е добро за државата, тврди Трамп.
800.000 вработени или 25 проценти од администрацијата се погодени од делумната блокада на владата. На дел од нив им се прекинати договорите, дел се пуштени на неплатен одмор а дел одат на работа и покрај тоа што не земаат плата. 19 дена трае блокадата и доколку до крајот на викендот не се постигне договор, ќе стане најдолгата блокада во американската историја.
Игор Трајков