
Тотален триумф на десницата на италијанските избори
Неочекувано голема победа на италијанската десница на парламентарните избори. Движењето Пет Ѕвезди освои една третина од гласовите но со 32,3-те проценти добива меѓу 248 и 268 пратенички места во долниот дом, не доволно за да формира влада. Маргинализираната Северна Лига, која на изборите излезе во коалиција со Форца Италија на Берлускони освои 17,6 проценти, пред 14-те на поранешниот премиер и веднаш зад владејачката Демократска партија на уште еден поранешен премиер, Матео Ренци. Ова е тотална победа на десницата и евроскептиците, а овој резултат во комбинација со политички противници кои не сакаат да соработуваат едни со други, според италијанските медиуми ќе ја оставаат земјата без влада. Иако се ова уште неофицијални резултати, сепак се загрижувачки за Брисел
„Веруваме во можностите на Претседателот Матарела да посредува во формирањето на стабилна влада во Италија а во меѓувреме има влада водена од премиерот Џентилони со кого блиску соработуваме“, вели портпаролот на Комисијата, Маргаритис Схинас.
Лигата и нејзиниот лидер Матео Салвини, според аналитичарите се најголемите победници. Салвини побрза да порача дека токму тие треба да ја формираат идната влада.
„Јас сум навикнат да го одржувам мојот збор и да го почитувам компромисот направен со 60 милиони Италијанци. Оваа обврска се однесува на коалиција на десниот центар со која го имаме правото и должноста да ја водиме владата во следните години“, категоричен е Салвини.
Пет ѕвезди освојува најмногу места и во горниот дом каде по објавувањето на конечните резултати може да освои 122 места, но и таму нема мнозинство без подршка од коалицијата на Салвини и Берлускони.
„Ова покажува дека завршивме одлична работа. Особено што значи дека сите треба да дојдат кај нас и да зборуваат со нас. Тоа веројатно е прв пат, сите ќе треба да дојдат кај нас“, порача членот на претседателството на Пет Ѕвезди, Алесандро Ди Батиста.
Италијанските медиуми предвидуваат тешки преговори за формирање на новата влада, затоа што Пет ѕвезди до сега одбиваше било каква соработка со другите партии. Партијата е формирана во 2009та година од комичарот Бепе Грило и нејзините противници ја обвинуваат дека е полна со аматери кои ќе ја доведат Италија во уште по лоша состојба.
Игор Трајков