
„Топол зајак“ за љубопитните новинари
„Денес веќе нема прес-конференции, денес има конференции за јавност и тоа не се конференции за размена на информации, тоа се конференции кои величаат една личност, еден човек, една политика“, вели претседателот на Независното здружение на новинари на Србија и еден од основачите на Групата за слобода на медиумите, Славиша Лекиќ.
Неговата остра изјава го дефинира ставот за односот на политичарите кон новинарите и медиумите, карактеристичен за Групата за слобода на медиумите, чија цел е борба против „медиумскиот мрак“. Првото барање, до српската влада и до собранието, е државните функционери да престанат да ги навредуваат и да ги игнорираат новинарите и медиумите кои поставуваат тешки прашања, бидејќи јавноста има право да знае, а работа на власта е да одговара на прашања.
Речиси станаа правило, ситуациите во кои функционерите ги и ги игнорираат новинари, избегнуваат одговори и зборуваат она што им одговара. Српскиот претседател Александар Вучиќ, во една прилика, рече дека му се допаѓа да одговара како што сака, а не како што очекува новинарот, додека министерот за одбрана Александар Вулин, кажа дека ќе одговори на прашањето, кога тој ќе сака.
Професорката од Факултетот за политички науки во Белград, Снежана Миливојевиќ смета дека причината за таквиот однос на власта се темели на претпоставката дека нема дијалог и дека е непримерно да се поставуваат прашања за одговорноста на нивните потези.
„Тоа се гледа во една низа на нештата, а пред се во омаловажување на граѓанското општество, уривање на контролните институции и на односот кон новинарите. Први на листата се новинарите бидејќи на една власт, која вложи се за да ја совлада техниката на победување на избори, и е потполно незамисливо, спроти себе да има некој со кого мора да разговара“, вели Миливојевиќ.
Претставниците на медиумските здруженија предупредуваат дека прес-конференциите се претворија во собири за јавност, иако правилата се едноставни и јасни: новинарот прашува – претставникот на власта одговара.
„Се знае кој што работи. Работа на политичарите е да работат во корист на граѓаните и да бидат тука да одговорат на прашањто на новинарите, а работа на новинарите е да инситираат на одговор“, вели претседателот на Здружението на новинари на Србија, Владимир Радомировиќ.
Инсистирањето на одговор, политичарите, и од власта и од опозицијата, најчесто го толкуваат како некултура и провокација, со настојчивост да ги подучат на новинарската работа.
„На тие прес-конференции, новинарите доаѓаат неподготвени. Прашањата кои се поставуваат не се само што се неразбирливи, туку и она што посебно ме изненадува, се даваат одговори кои се малку поопширни, а веднаш потоа следува прашање, а одговорот веќе е даден“ вели државниот секретар во Министерството за култура и информирање, Александар Гајовиќ.
Така, претседателот Вучиќ го оцени како новинарска провокација, тоа што седум пати беше прекинуван со потпрашања, додека градскиот менаџер Горан Весиќ, инсистирањето на новинарката на телевизија Н1, Маја Николиќ, го оцени како навреда и и порача дека може да се расправа со него, откако ќе се зачлени во партијата.
„До сега не сме слушнале, дека морате да се кандидирате, кога сакате да му поставите прашање на функционер од локалната власт, кој вие го плаќате како даночен обврзник. Реагирав на тоа бидејќи не сакам некој да ме етикетира. А не е првпат некој да не етикетира како политички противници“, вели Маја Николиќ.
Новинарите, особено оние кои се занимаваат со истражувачко новинарство, често се соочуваат со молк на власта, па мораат да бараат помош од надлежните за информации од јавен карактер, за да ги добијат потребните информации. Но, ниту тогаш, како што вели Маја Живановиќ од Балканската истражувачка мрежа БИРН, не стасува целосен одговор.
„Просечниот одговор е документ во кој е затемнето се, во кој со црн маркер е затемнет потписникот на документот и неговата содржина“, вели Живановиќ.
Комесарот за информации од јавен карактер Родољуб Шабиќ објаснува дека, често, одредени податоци не им се даваат на новинарите со изговор дека станува збор за службена тајна. „Како, давање било каква информација како некој функционер го стекнал имотот или приходите, би можело да ги загрози интересите на Србија?“, прашува Шабиќ.
До Комесарот, годишно пристигнуваат повеќе од 300 барања за информации. Во 96% од случаите има одговор, но минатата година процентот на успешност се намали за 4% и натаму е во опаѓање. И бавноста, и намалената успешност на постапките делуваат како порака за новинарите дека, дури и кога е законот на нивна страна, не можат лесно да дојдат до информации.
„Од една страна, имате закон кој им гарантира на медиумите, на јавноста, на граѓаните соодветен пристап до информации од јавен карактер. Ако државните органи не го почитуваат овој закон, и ако оние кои се должни да ги притиснат да го почитуваат, исто така не го почитуваат, тогаш државата де факто се исмева со сопствениот закон“, вели Шабиќ.
Европската унија со години предупредува дека медиумите во Србија не се слободни, дека државата не прави ништо да ја поправи ситуацијата и дека учествува во кршење на гарантираните слободи. Податоците на Репортери без граници покажуваат дека од 2014 година, Србија постојано паѓа на листата за слобода на медиумите, и во 2016 година назадуваше за седум места, односно беше на 66 позиција.