Тито се враќа во Титоград

Тито се враќа во Титоград. Во Подгорица е поставен споменик на доживотниот претседател на СФРЈ.

Споменикот на доживотниот претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, Јосип Броз Тито, беше поставен на булеварот „Свети Петар Цетињски“, и денеска беше свечено откриен по повод одржувањето на прославата на Денот на ослободувањето на Подгорица.

Општинското собранието на Подгорица на 30 октомври го усвои предлогот на градоначалникот на главниот град на Црна Гора, Иван Вуковиќ, за изградба на споменик во Подгорица.

Тој во таа пригода рече дека подигањето споменикот на Тито не е југоносталгија, туку доказ дека Црна Гора останува цврсто на своите антифашистички определби.

„Големината на титовите историски заслуги, и односот кон Црна Гора и црногорскиот народ, дозволно кажува фактот дека една година после војната, нашиот главен град е преименуван во Титоград. И оние кои денес не гледаат благонаклонето кон неговиот лик и дело, и во еден дел и оправдано го критикуваат неговиот однос кон политичките неистомисленици, тешко може да го оспорат фактот дека Јосип Броз Тито е назначајната историска личност која потекнува од овие простор“, кажа градоначалникот на Подгорица – Иван Вуковиќ.

Тито е вратен на голема врата во Црна Гора и тоа на денот на ослободувањето на Подгорица, поранешен Титоград.

Главниот град на Црна Гора, речиси 50 години го носеше името на маршалот, а изворното име на градот беше вратено по распаѓањето на Југославија, во 1992 година.

После Тиват, ова е втор споменик на Тито кој се открива во Црна Гора. Но, не станува збор за обичен ривајвал. Историчарите потсетуваат дека земјата има преку 600 меморијални плочи или споменици од социјалистичкиот период, дека 99 % од нив се сочувани, и дека Тито е можеби најсилниот симбол на антифашистичкото движење.

Но, младите и постарите не се со исто мислење.

„Тој не беше диктатор, ма каков диктатор. Ние најдобро живеевме и луѓето најдобро живееја  во негово време“.

„Немам убаво мислење за тој период, околу неговото владеење, начинот на кој го остварувал своето владеење над тогашната Југославија, така да не го поддржувам и не го оправдувам поставувањето на тој споменик во Подгорица“.

Интересно би било да се дознае ставот на најдолговечниот постјугословенски политичар и претседател на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, околу растечката популарност на Тито.

Но, тешко е за верување дека чувствува некаква закана, можеби само потсетување дека некој сепак не гледа.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ