
Тим на ОН почна истрага за убиството на Кашоги со разговори во Анкара
Агнес Каламард, експерт за човекови права на ОН денеска во Анкара ја започна нејзината еднонеделна посета на Турција како дел од меѓународната истрага за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги. Известувачка на ОН за човекови права пристигна во Турција, речиси четири месеци по убиството на Кашоги во конзулатот на Ријад во Истанбул.
Каламард се состана со министерот за надворешни работи Мевљут Чавушоглу, на состанок кој беше затворен за печатот а ќе оствари средба и со истанбулскиот главен обвинител Ирфан Фидан.
Каламард, која предводи тим правни и судски експерти, исто така, побара да го посети саудискиот Конзулат во Истанбул и да ја посети Саудиска Арабија, но се уште не е познато дали е одобрено нејзиното барање, или кога ќе има пристап до Конзулатот.
Тимот на ОН ќе ги процени чекорите преземени од страна на турската и саудиската Влада за решавање на случајот. Исто така, ќе ги проценат „природата и степенот на државите и одговорностите на поединците за убиството“.
Кашоги беше колумнист на весникот „Вашингтон Пост“ и познат критичар на саудискиот престолонаследник, принцот Мохамед бин Салман. Кашоги беше убиен на 2 октомври минатата година во конзулатот во Истанбул каде влегол за да земе документи потребни за венчавка, откако добил гаранции дека нема да му биде нарушена безбедноста. Саудиските власти тврдат дека тој починал за време на испрашувањето, додека турските власти отворено обвинија дека бил убиен. Неговото тело не беше пронајдено. Обвинителството во Ријад за убиството на Кашоги осомничи 11 лица, од кои за петмина бара смртна казна. Но, критичарите на властите во Ријад сметаат дека овие обвинувања се само обид за дистанцирање на принцот Мохамед од убиството.
Игор Трајков