
Терористички напад на Филипини, загинати 27 луѓе
27 луѓе загинаа, а 77 се ранети во две експлозии при напад на катедрала во провинцијата Сулу, на југот на Филипините. Првата експлозија била внатре во катедралата, а втората на паркингот. Филипинската полиција соопшти дека во нападот се користени две импровизирани експлозивни направи. Засега никој не презел одговорност за нападот, но можно е да е поврзан со референдумот во автономната област Бангсаморо, во која најмногу живеат муслимани. За властите, ова е терористички напад, бидејќи ваков чин може да изведе само организирана група, но се уште не се 100% сигурни. Војската во овој дел на Филипините тврди дека чинот е дело на терористичката организација Абу Сајаф, бидејќи тие и претходно се заканувале со напади.
Инаку, референдумот се одржа во понделеникот, а во петокот беа објавени официјалните резултати според кои 85% од гласачите ја поддржале автономијата. Но, во провинцијата Сулу, каде одекнаа експлозиите, гласачите гласале против автономија.