Телма и МЦМС по четврти пат доделија награди за граѓанско новинарство

Проектот на американската агенција за меѓународен развој  УСАИД за медиуми „Топ тема на ваша страна” ги промовира резултатите од проектот и  ги додели наградите од четвртиот конкурс  за граѓанскo новинарство, кој траеше од  почетокот на октомври до 4 ноември.

Во категоријата приказни или стории добитник на првата награда е Јелена Панчевска за темата „Што знае женско за спорт“, второто место и припадна на Весна Кераџиева за темата насловена „Атлетската федерација на Македонија со диктаторско раководство“,  третата награда ја доби Симона Џуковска за „Неорганизацијата на тетовските гробишта“.

Стручната комисија решила да додели и две признанија за граѓанските новинари за Јасмина Јозифесто, која се занимава со „Туристичките водичи во Македонија“ и за Елена Георгиевска, која на тема „Новите спортски трендови опасни за спортистите“.

Во втората категорија фотографии и видео првата награда ја доби Влатко Деков за серијалот „Базените немаат иднина во Македонија“, втората награда ја добија група на граѓански новинари од Прилеп „За моменталните услови за младите да го искористат спортскиот потенцијал во Прилеп“ и третата награда ја доби Лупчо Илиевски за „Алтернативен туризам“, додека пофалница во оваа категорија доби и Арбнора Мемети за темата „Туризам“.

Заменик-американскиот амбасадор Микаела Швајзер-Блум рече дека претходно во нејзината кариера била одговорно лице за односи со јавноста и затоа нивните заеднички напори за поддршка на независни  и ригорозни медиуми и лежат во срцето.

„Во САД, ние ја цениме улогата што медиумите ја играат како контролен механизам при известување, истражување и поставување прашања од областа владеењето. Силните медиуми се наоѓаат во срцето на нашата демократија.  Во текот на нашата историја новинарите беа посветени на нивната потрага по одговорност на владите, институциите и откривање на корумпираните организации и функционери. Така што, Холивуд посветено прави филмови за нивната работа, кои на некој начин се преливаат на страниците на архивиските документи кои водаат во ќор сокак, но и изгледаат исто толку возбудливо како и потрагите на најновите супер херои“, изјави Швајзер-Блум.

Таа нагласи дека  новинарите ја подигнуваат свеста за прашања кои често пати не се видливи и ги присилуваат граѓаните и владата да дејствуваат за да ги поправаат работите на подобро.

„Сакам да споделам еден пример, на почетокот на годината граѓанскиот новинар Дарко Коцевски  ги сподели маките на семејството Спасовски од Македонска Каменица, кое немаше вода за пиење, електрична енергија и живееше во дотраена куќа. Оваа сторија придонесе локалната заедница да се мобилизира и да им го реновира семејниот дом на оваа семејство“, рече таа.

Главниот и одговорен уредник на Телевизија Телма, Атанас Кировски истакна дека со оваа церемонија затвораат едно значајно поглавје од мисијата на Телма да биде лидер во промоцијата на практикувањето на високи професионални стандарди во новинарството и имплеминтирањето на нови програмски содржини кои ќе го збогатаат информативниот простор.

„Зад нас се повеќе од 200 изданија на „Топ тема  на ваша страна“, проект кој го стартувавме со таа цел: да понуди нов квалитет и нова димензија во телевизиското новинарство. Благодарение на УСАИД успеавме да наметнеме нови содржини и нови стандарди. Станавме препознатливи по многу сегменти и тука би го издвоил истражувањата на јавното мислење. Се обидовме да направиме двонасочна комуникација со нашата публика преку редовните коментари, преку видео блог, дебати базирани на прашања од гледачите, реализиравме дебати со кои излеговме не само надвор од студиото на Телма, туку и надвор од Скопје директно соочувајќи ги политичарите и одговорните општествени чинители со проблемите и прашањата од гледачите“, нагласи Кировски.

Посочи дека конкурсот за граѓански стории покажува значаен сегмент од идејата на целиот проект, да се направи синергија со невладинииот сектор не само низ нашите истражувачки стории, туку и во соработка со нив и користење на нивните истражувања, да ги таргетираме општествените проблеми, но и да се нудат решенија.

Наградите што ги добија граѓанските новинари се во висина од 30.000, 20.000 и 10.000 денари и 5.000 денари за пофалниците во форма на ваучери за купување опрема.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.