
Тахири: Косовското прашање е решено, нема да се прават компромиси со Србија
Координаторот на Секторот за државни реформи во косовската влада, Бесник Тахири, синоќа и порача на Србија дека поделба на Косово нема да се случи и дека за Белград е најдобро што поскоро да ја прифати таа реалност.
Реакцијата на косовскиот владин функционер следеше по изјавата на српскиот министер за одбрана Александар Вулин, кој рече дека е песимист што се однесува на постигнувањето можен компромис меѓу Косово и Србија во Брисел.
„И Вулин, како и секој друг владин функционер во Белград, треба да сфатат дека времето на компромисот е поминато и дека сега треба да ја прифатат реалноста. А, реалноста е дека Косово е признаено од повеќе од 100 држави во светот и веќе 19 години ја имаме добиено слободата, а поминаа и 10 години од прогласувањето на независноста“ напиша Тахири на Фејсбук.
Во одговорот на коментарот на Вулин, кој е актуелен министер за одбрана, а претходно беше директор на Канцеларијата за Косово во српската влада, Тахири порача дека целиот политички систем и институционалниот поредок на Косово се независни и дека пред повеќе од една деценија Контакт групата претстави три принципи за решавањето на косовското прашање.
Овие три принципи, како што напиша Тахири, се: Решението на статусот на Косово треба да ја консолидира регионалната безбедност и стабилност, нема да има поделба на Косово и нема да има обединување на Косово со некоја друга држава.
„Секој обид за враќање во јавниот дискурс на зборот компромис е промашување и е со намера да се произведе политичка магла“ напиша косовскиот владин функционер, додавајќи дека Белград го користи зборот компромис за да ги смири страстите внатре во Србија.