Тачи и Вучиќ на иста бранова должина

Косовскиот претседател Хашим Тачи не се откажува од идејата за корекција на границите со Србија. Одлуката за припојување на Прешевската долина кон Косово, тој ќе ја остави на народот, за што најавува дека ќе организира референдум. Мирната корекција на границата, смета дека е од корист за Косово, а противниците на овој предлог пропагираат поделба и размена на територии.

„Во таква ситуација, навистина не останува ништо друго освен да се поттикнат граќаните на Република Косово на донесување одлука, што им овозможува сами да одлучат кој е во право, а која опција е во интерес на Косово. Затоа, императив е на нашите граѓани да им се овозможи правото на референдум, на кој работам да стане реален“, пишува Тачи на Фејсбук.

Тачи денеска повтори дека нема поделба на Косово и додаде дека нема да има автономија за косовските Срби. На неговата идеја се противи косовската опозиција, но и премиерот Харадинај, кој го потсети дека границите се менуваат само со војна.

„Границите се поставуваат само со војна, само војната може да ги промени. Сите Албанци би сакале Прешево да се припои кон Косово, но знаете дека тие граници се поставени со влезот на НАТО, 10.000 луѓе загинаа за тие граници, не можете да си играте со границите, изјави косовскиот премиер Рамуш Харадинај.

Тачи и овојпат не појасни што конкретно подразбира под „корекција на границата“, но со одлуката за референдум, наизглед се на иста бранова должина со неговиот српски колега Вучиќ. Тој во вчерашното обраќање до јавноста најави дека доколку се дојде до некакво решение за Косово, конечната одлука ќе ја донесат сите граѓани на референдум.

По овие смирувања на страстите, се очекува Брисел брзо да ги седне на маса Белград и Приштина. Сите се согласни дека темата не може со децении да стои во место, и затоа е потребен компромисот. На интензивирање на дијалогот најмногу ќе инсистира и високата претставничка за надворешна политика Федерика Могерини, чиј мандат истекува, а со решениот проблем, ќе има дополнителен плус во нејзината биографија за нејзин реизбор.

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ