СЗО: Заканата од коронавирус е „висока“ на меѓународно ниво

Светската здравствена организација (СЗО) денеска ја ревидираше својата проценка за заканата од новата форма на коронавирусот во Кина на меѓународно ниво, оценувајќи ја дека е „висока“ и повеќе не е „умерена“ како што беше досега соопштено. Тој потег  е поради „грешки во формулација“.

СЗО досега нагласуваше дека ризикот од вирус е „многу висок во Кина, висок на регионално ниво и умерен на меѓународно ниво“.

„Тоа е грешка во формулацијата и ние ја исправивме“, изјави портпаролот на СЗО.

Минатата недела СЗО одлучи да не прогласи глобална вонредна здравствена состојба, наведувајќи дека Кина презела многу силни мерки, вклучително и изолација на големите градови,со цел стопирање на ширењето вирусот.

Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус допатува во Пекинг, каде ќе разговара со кинеските официјални претставници за борбата против ширењето на смртоносниот коронавирус, од кој во Кина починаа 81 лице, а 2.750 се заразени.

  • За коронавирусот, генералниот директор на Светската здравствена организација д-р Тедрос, денеска пристигна во Пекинг. Тој се очекува да се сретне со високи официјални претставници на кинеската влада за да разговараат за епидемијата од коронавирусот. СЗО истакна дека имаме шанси да го спречиме ширењето вирусот ако сите работиме заедно. Им даде совет на земјите за тоа како да ги идентификуваат и да се грижат за заболените луѓе и како поединците можат да се заштитат себеси и другите, изјави пред малку Стефан Дујариќ, портпарол на генералниот секретар на ООН.

Директорот на СЗО изјави дека нема да се двоуми да го свика Комитетот за итни случаи на Светската здравствена организација доколку процени дека ситуацијата во Кина е влошена.

Канадските здравствени власти денеска го потврдија првиот случај во земјата на заразен со смртоносниот коронавирус, кој потекнува од Кина, наведувајќи дека сопругата на пациентот, исто така, е позитивна на тестирањето за болеста. Речиси 20 лица се наоѓаат под лекарски надзор во Онтарио.

Пациентот, на кого му е потврдено присуство на вирусот, е 50-годишен маж, кој на 22 јануари пристигнал во Торонто од Вухан, и моментно се наоѓа во болнички карантин.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ