
СЗО предупредува: Корона вирусот е 10 пати посмртоносен од свинскиот грип
Светската здравствена организација предупреди дека вонредните мерки на државите мора да бидат укинувани постепено и внимателно. Секоја пребрза реакција може да предизвика тешки последици бидејќи светот е соочен со исклучително смртоносен вирус, тврди СЗО.
Знаеме дека Ковид -19 се шири бргу и дека е смртоносен, 10 пати посмртоносен од пандемијата свински грип од 2009-тата година. Знаеме дека во некои земји, случаите двојно се зголемуваат секои 3 до 4 дена. Сепак, иако Ковид 19 бргу се шири, забавувањето е многу побавно. Со други зборови, патот надолу е многу побавен од патот нагоре. Тоа значи дека мерките за карантин мора да бидат укинувани полека и на контролиран начин, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом.
Шпанската влада денеска дистрибуираше 10 милиони маски на станиците на железницата и подземната железница, додека дел од луѓето се враќаат на своите работни места по двонеделниот карантин во домовите.
Сепак, се ограничува бројот на патниците во возовите и метрото, при што луѓето треба да бидат на растојание од најмалку еден метар.
Станува збор за вработените во фабриките и градежниот сектор, додека канцелариските работници се охрабруваат да продолжат да работат од своите домови.
Овој 13-ти Април, ние се уште сме во фаза на карантин, не сме започнале со некој процес на де-ескалација ниту пак сме ги укинале ограничувањата на движењето на луѓето. Вистина е дека денеска се врати дел од нормалниот живот, заради информациите кои ги имаме, во однос на економската активност во одредени сектори, во многу ограничен број сектори, вели шпанскиот министер за здравство, Салвадор Иља.
Во последните 24 часа во Шпанија се регистрирани 517 нови смртни случаи од Ковид-19, 100 помалку од претходниот ден, додека намален е и бројот на позитивните тестови за луѓе заразени од корона вирусот.
Строго ограничено попуштање на мерките на карантин ќе има и во втората најпогодена европска држава од пандемијата, Италија.
Премиерот Џузепе Конте минатата недела најави дека карантинот во Италија ќе продолжи до 3-ти Мај, но на ограничен број и вид продавници ќе им се дозволи да почнат со работа во текот на утрешниот ден
Сосема поинаква е ситуацијата во Русија. Пред две и пол недели, пораката од Кремљ беше дека де факто во Русија нема епидемија корона вирус.
Денеска , во видео конферециска врска со повеќе официјални претставници, Владимир Путин предупреди на растот на инфекциите во државата.
Гледаме дека ситуацијата се менува секојдневно и за жал , се менува на полошо. Бројот на заразени луѓе е зголемен а што е уште полошо, се зголемува и бројот на тешки случаи на болеста. Како што веќе кажав, наредните недели ќе бидат решавачки, предупреди претседателот Путин.
Денеска во Русија биле регистрирани нови 2 588 случаи.
Во споредба со останатите жаришта, тоа е мал број случаи, но епидемиолозите предупредуваат дека Русија е на самиот почетокот од пандемијата.
Никола Илиевски