
СЗО: Пандемијата од КОВИД 19 станува реална, но нема откажување
Блиску сме до пандемија од КОВИД 19, но светот не е оставен на милост на вирусот. Ова е денешниот заклучок на СЗО, откако бројот на заболени во светот надмина сто илјади и истиот речиси неконтролирано расте.
- Сега, кога вирусот стапна во многу држави, заканата од пандемија стана многу реална, но ќе биде првата пандемија во историјата, која ќе може да се контролира. Заклучокот е дека не сме во милост на вирусот, соопшти претседателот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Предноста е што одлуките кои ги преземаат владите, бизнисите, заедниците, семејствата и самите индивидуи можат да влијаат на траекторијата на вирусот.
- Мора да запомниме дека со одлучната рана акција, можеме да го забавиме ширењето на вирусот и да превенираме инфекција. Најголемиот дел од заболените ќе оздрават. Од 80.000 пријавени случаи во Кина, повеќе од 70% се излечени и пуштени од болница. Правилото е никогаш да не се откажувате. Ја охрабруваме Италија која презеде агресивни мерки за да ја спречи епидемијата и се надеваме дека ќе бидат ефективни во наредните денови, додаде Гебрејесус.
Но, според бројките, ригорозните мерки кои ги презеде првото најголемо жариште во Европа, по се изгледа не даваат резултат, бидејќи голем број од младите не ги почитуваат- болеста се шири и Италија денеска пријави 97 нови жртви на коронавирусот, со што вкупниот број порасна на 463. Бунтот кој денеска се случи во 4 затвори, поради мерките, и во кој загинаа шест затвореници сега е под контрола, јавуваат медиумите. За премиерот Конте, ова е најтемниот час кој земјата го живее.
Грција попладнево пријави 11 нови случаи, и со бројка од 84 заболени, ги заостри мерките. Освен затворање на 30-тина училишта, земјата ги откажа сите летово од и кон Италија. Нов втор случај пријави Србија, а прв случај има и на Кипар. Новите бројки во Словенија се 23 заболени, во Хрватска 13.
Германија досега добро се справуваше со над илјада инфицирани од коронавирусот, но и тука се регистрирани првите две жртви попладнево. За канцеларката меркел, преземените Мерки не се залудни, бидејќи на таков начин се купува драгоцено време.
– Работиме за драгоцено време, време во кое научниците можат да истражат лекови и вакцина, рече Меркел.
И во Америка, вирусот брзо се шири. Таму веќе има над 500 заразени и 22 починати. Прв смртен случај пријави и Канада. Во далечниот исток, бројот на новозаразени постојано опаѓа. Кина веќе ги затвора специјалните болници кои ги отвори за заразените со Ковид 19. Но, во Европа, според епидемиолозите, следуваат два најкритични месеца кога вирусот ќе се шири.
Алиса Шутиноска