СЗО: Ова е многу повеќе од здравствена криза

Ова е многу повеќе од здравствена криза, предупреди директорот на Светската здравствена одрганизација, Тедрос Аданом. Со повеќе од еден милион заразени и над 50 илјади починати од корона вирус, тој ги повика државите во светот да ги тргнат финансиските бариери за здравствена заштита.

Ако луѓето ја одлагаат или се откажат од нега затоа што не можат да си ја дозволат не си наштетуваат само себеси туку придонесуваат пандемијата  потешко да се контролира и го ставаат општеството во ризик, изјави Тедрос Аданом Гебрејесус директор на СЗО.

Тој ги поздрави земјите кои прават бесплатни тестирања на корона вирусот, како и оние земји кои целосно ги отстранија финансиските ограничувања за здравствена заштита за да се справат со пандемијата.

На заедничка прес-конференција со Аданом, директорката на Меѓународниот монетарен фонд Кристалина Георгиева го нарече економското влијание на вирусот „многу полошо од глобална финанскиска криза.

Повеќе од 90 земји побараа итна финансиска помош од Меѓународниот монетарен фонд. Стопирана е светската економија, рече Георгиева. Најтешко погодени се земјите во развој и растечките економии кои изгубиле скоро 90 милијарди американски долари.

Знаеме дека во многу земји здравствените системи се слаби. Знаеме дека при бегството кон безбедноста, големиот капитал ги остави економиите во развој, светот во развој. Речиси 90 милијарди долари се излеаја. Ова е многу повеќе отколку за време на глобалната финансиска криза, вели Кристалина Георгиева, извршен директор на ММФ.

Георгиева објави дека ММФ ќе ја искористи својата резерва за вонредни состојби од една милијарда американски долари за да им помогне на погодените економии, вклучувајќи ги и африканските земји кои инаку би требало да избираат меѓу борбата против новиот корона вирус и како да го прехранат своето население.

Марија Дивитарова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ