
СЗО: Имунолошките пасоши не се гаранција дека нема повторно да заболите
„Не издавајте патни исправи за имунитет, или сертификат за непостоење на ризик, нема докази дека луѓето кои се опоравиле од корона вирус стекнале имунитет“. Ова е најновото предупредување од СЗО, откако властите во Чиле најавија дека ќе почнат со издавање на здравствени пасоши на граѓаните кои оздравеле од заразата, сметајќи дека нивниот организам созадал антитела, и ќе можат да се вратат на работа. Но, според СЗО, антителата не се гаранција дека сте заштитени од повторна инфекција.
И додека над 80 тимови работат на откривање на вакцината, одговор се бара од Кина, каде првично се појави болеста. Голем број лидери бараат од Пекинг да се согласи на меѓународна независна истрага за потеклото на болеста, дали истата е излезена од лабораторијата од Вухан или сепак од пазарите каде се продаваат диви и егзотични животни кои луѓето ги јадат. Но, Кина одбива истрага, смета дека повиците се политички мотивирани и со тоа кинеските власти би се одвратиле од борбата против болеста. Но, за разлика од политичарите, инфектолозите велат дека болеста има природно потекло, исто како и сипаниците, поради неверојатната брзина со која се шири.
Мислам дека ако е создаден во лабораторија, нема толку да е „погодно“, што значи не може да се шири толку брзо. Кога се прави патоген, како што се обидоа да создадат мали сипаници, тоа може да е смртоносно, но ништо не е толку добро, како природното, бидејќи птичјиот грип и еболата потекнуваат од природата. Се шират многу брзо затоа што никој досега не ги видел, вели Питер Шин Хонг, експерт за инфективни болести при Универзитетот во Сан Франциско.
Кина е обвинета најмногу дека не реагирала навремено за вирусот, и во обид да сокрие, дури го замолче докторот кој сакаше да предупреди за епидемијата, но потоа и самиот почина од КОВИД 19. Сомнежот стана се поголем откако земјата, минатата недела ги ревидираше бројките на починати и заболени и ги зголеми за 50%.
И додека најновите бројки на заболени се доближуваат до три милиони луѓе, светот се обединува во борбата со вирусот. Но, овојпат без Америка која ја критикува СЗО дека е прокинески настроена. Сепак, оваа глобална иницијатива има за цел да ја забрза работата на пронаоѓање лекови, тестови и вакцина.
Минатите искуства не научија дека дури и кога алатките се достапни, тие не се еднакво достапни за сите, а тоа не смееме да си го дозволиме, изјави Тедрос Гебрејсус, директорот на СЗО.
Далеку е излезот од пандемијата, сметаат виролозите. Маските уште долго ќе ги носиме. Ситуацијата е различна во сите земји, а зголемените инфекции се должат на непочитувањата на мерките за време на велигденските празници. Болеста се шири во затворен простор, па затоа добор е да сме надвор на социјална дистанца. Летото можеби ќе не релаксира, но зимата ќе донесе втор бран од болеста кој ќе биде посилен, велат германските виролози.
Алиса Шутиноска