
СЗО ги предупреди младите: Вие не сте непобедливи, вирусот може и вас да ве убие
Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Адханом, упати денеска остро предупредување и до младите луѓе за корона вирусот.
“Податоците од голем број земји јасно ни покажуваат дека луѓе под 50 годишна возраст се значаен дел од пациентите кои мора да се хоспитализираат. Мојата порака до младите луѓе е: Вие не се непобедливи, вирусот може со недели да ве смести во болници, па дури и да ве убие. Дури и да не бидете болни, вашиот избор за тоа што ќе правите, би можел да биде разликата меѓу живот и смрт за некој друг. ” – подвлече првиот човек на светската здравствена организација.
Тој сепак посочи дека има и една добра вест. Кинеската провинција Вухан, каде започна ширењето на епидемијата вчера не пријавила ниту еден случај на инфицирани од корона вирусот.
Епицентарот на пандемијата сега е во Европа, каде се речиси половина и од вкупниот број смртни случаи досега. Повеќе од 10 000 луѓе во целиот свет ги загубија животите , додека бројот на потврдени случаи изнесува над 250 илјади. Италија, најтешко погодената европска држава од корона вирусот, денеска забележа нов црн рекорд, 627 смртни случаи во последните 24 часа, што претставува најголемо зголемување на смртоносниот биланс по избувнувањето на епидемијата.
Ова се случува и покрај строгите ограничувања на движењето на луѓето. Во Италија досега се регистрирани повеќе од 47 000 случаи на луѓе инфицирани со корона вирусот.
Ситуацијата е се потешка и во Шпанија, каде што во последните 24 часа починале 235 луѓе, највисок смртоносен биланс во еден ден досега. Над 20 000 Шпанци се заразени од опасниот вирус.
Голем број грчки граѓани денеска ги напуштаат најголемите градови Солун и Атина и заминуваат на островите, присилувајќи ги здравствените власти да ги предупредат дека прекинот на работата не значи и годишен одмор.
Најмалку што може да направите е да не стапувате во контакт со локалното население во местата каде што патувате, посочи епидемиологот Сотирис Циодрас.
Британскиот премиер Борис Џонсон соопшти дека кафе баровите, пабовите и рестораните ќе бидат затворени за работа, но ќе им биде дозволено да приготвуваат храна која посетителите би можеле да ја подигнат.
Истата забрана за престанок на работата ќе важи и за ноќните клубови, театрите, кино салите и спортските објекти.
Бројот на смртни случаи во Англија досега е 167.
Во Соединетите американски држави, Претседателот Трамп соопшти дека целиот непотребен сообраќај на границите со Мексико и Канада ќе биде прекинат, во рамките на борбата против корона вирусот.
Во САД од вирусот досега починаа 220 луѓе а повеќе од 16 000 луѓе се инфицирани.
Никола Илиевски