Светските медиуми за протестот во Атина

Она што Грција го прави е апсурдно – ова е ставот на Штефан Требст, германски професор за Источна Европа. А го пренесува германскиот весник Шпигел, кој во најновата статија за вчерашните протести во Атина, се обидува да го објасни конфликтот меѓу Грција и Македонија. Професорот Требст за Шпигел вели дека нема основа за страв, од страна на грчкиот народ, дека евентуалното решение на долгогодипшниот спор со името би и нанел штета на државата или би било опасно по нејзината безбедност.

„Тоа е апсурдно, бидејќи со децении Грција е членка на НАТО и на Европската унија и има армија која е значително поголема од таа на микроскопската држава Македонија“, вели Требст.

Со наслов „Соседи во битка за името – Спорот меѓу Грција и нејзјниот северен сосед натера илјадници Грци на протести во Атина“, угледниот Фајненшал Тајмс пренесува дека Грците се исплашени од наводните иредентистички претензии од Македонија. Весникот ја забележува една од најпознатата личност од грчката култура, 92-годишниот Микис Теодоракис, кој под транспарентот „Тргнете ги рацете од Македонија“ изјавува дека постапките на владата се закана за теротиријалниот интегритет на Грција…Дел од протестите, забележува Фајненшал Тајмс, биле и малолетни деца.

Агенцијата ДПА јавува дека на демонстрациите биле поканети и националистички организации и такви со религиозна ориентација. Во нив учествувале конзервативни политичари, десничарски популисти како и митрополити од многу региони во државата. Франс прес јавува дека и поранешниот премиер Антонис Самарас не изостанал од извиците дека Македонија е Грчка.

Различни се бројките за масовноста на вчерашниот протест. Според полицијата насбрани биле 140 илјади, а организаторите тврдат дека имало 1,5 милион луѓе…Регираше и Ципрас.

„Земјотресот“ и милионите демонстранти останаа само желба на организаторите, експремиерот Андонис Самарас и на лидерот на опозициската Нова Демократија, Кирјакос Мицотакис“…Од неговиот кабинет велат дека оние кои останале дома и го гледале протестот на телевизија знаат дека важните прашања од надворешната политика не се решаваат  со фанатизам и нетолеранција.

„Продолжувам, со мирна совест и одговорност, да преговарам за доброто на татковината“, напиша Никос Коѕијас на Твитер, и со тоа го потврди ставот дека владата во Атина нема да биде под влијание на протестите во нејзината одлука за решавање на спорот со името и со цел да асе засили стабилност на Балканот.

 

Алиса Шутиноска

 

 

 

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ