
Светските лидери на одбележување на Денот Д во Британија
Светските лидери денеска во Портсмут присуствуваат на одбележувањето на 75-годишнината од најголемата поморска инвазија во историјата, таканаречениот Ден Д. Американскиот претседател Доналд Трамп кој е во тридневна посета, во придружба на британската кралица Елизабета Втора и премиерката Тереза Меј ја прочита молитвата на Френклин Рузвелт за време на обраќањето до нацијата пред инвазијата. На овој начин, Трамп им оддаде почит на американските и сојузничките војници кои помогнаа да се спаси Европа од нацистичка Германија.
„Семоќен Господе. Нашите синови, гордоста на нашата нација, овој ден тргнаа во моќен потфат. Борба да се зачува нашата република, нашата религија и нашата цивилизација и да го ослободат од страдање човештвото. Ќе им бидат потребни благословите затоа што непријателот е силен. Може да ги отфрли нашите сили но ние ќе се враќаме повторно и повторно и знаеме дека со твојата благодат и праведноста на нашата кауза, нашите синови ќе триумфираат,“ рече Трамп.
Во раните утрински часови на 6 јуни 1944 година започна операцијата Нептун, подоцна попозната како „Денот Д“ во која повеќе од 150.000 сојузнички војници се истоварија на брегот на Нормандија започнувајќи ја сојузничката инвазија на Европа.
„Тоа враќа некои лоши спомени поради момчињата кои загинаа, тоа беше многу тажно. Всушност се разгневувам кога мислам за тоа, знаете тие дојдоа тука и знаеа дека има шанса да загинат и некои од нив загинаа,“ истакна Рој Херакју – Ветеран од 5-от Ренџерски полк на „Денот Д“.
Нептун беше дел од поголемата Операција Оверлорд, во историјата позната како Битката за Нормандија која вклучуваше воздушни, поморски и копнени напади врз северниот француски регион, отварајќи го бараниот западен фронт од Советите, што на крајот и доведе до ослободување на Западна Европа од нацистичкиот режим. На комеморацијата присуствуваа 15 светски лидери, меѓу кои и германската канцеларка Ангела Меркел, австралискиот премиер Скот Морисон и уште десет официјални претставници од други земји, и дел од нив прочитаа писма од војниците кои учествувале во битката.
„Не се плашам од смртта, совеста ми е комплетно чиста. Збогум, смртта ме вика. Не сакам знамиња. Ве бакнувам сите. Тешко е да се умре, било како. Илјада бакнежи. Да живее Франција,“ изјави Емануел Макрон – Претседател на Франција.
Сите земји се согласија да објават заедничко соопштение во кое ќе ветат дека „нема да се повторат незамисливите ужаси од Втората светска војна“. Во таканаречениот „Проглас на Денот Д“, 16-те потписнички, вклучувајќи го и Обединетото Кралство и САД, се залагаат да работат заедно за „мирно решавање на меѓународните тензии“.
Игор Трајков