
Светските компании бараат од Трамп да ја прекине трговската војна со Кина
Дел од најголемите светски производители во отворено писмо го предупредија американскиот претседател Доналд Трамп за катастрофалните ефекти кои ќе паднат врз грбот на потрошувачите поради трговската војна со Кина.
173 компании меѓу кои Најк, Адидадас и Конверс наведуваат дека трговската војна која Трамп ја започна со цел да ги заштити американските работници ќе има обратен ефект.
Претходниот месец, кога Трамп го објави новото покачување на царините, им порача на американските компании да го вратат своето производство во САД ако сакаат да ги избегнат повисоките давачки.
Но производителите велат дека за таква операција се потребни години планирање, подготовки и инвестиции.
„Што се случи, внесе целосна несигурност во пазарот, кај производителите, кај потрошуваите, во вработувањето и инвестирањето.“ – вели Ник Гинстер, косопственик на фабриката за велосипеди Fyxation Bicycle
Тие предупредија дека последиците веќе се чувствуваат и многу компании стравуваат за својот опстанок. Вчера кинеската бизнис комора објави истражување според кое дури 40 проценти од странските компании веќе започнале процедури за да ги преселат своите производства надвор од Кина.
„Ние сме мала компанија со 12 луѓе и размислуваме за кратење, не можам да ги замислам компаниите со илјадници луѓе. Мислам и тие ги имаат истите разговори и тоа е значајно.“ – додава Гинстер.
Последната средба меѓу тимовите на Вашингтон и Пекинг за ставање крај на трговската војна се одржа на 10 мај. Неколку денови потоа стигна одлуката за исклучување на Хуавеи од американскиот пазар. Уште пред да почнат преговорите Кина остава впечаток дека е страната која е поотворена за постигнување договор.
„САД и Кина се среде трговска војна, тајмингот на извршната наредба, која дојде минатата недела е циничен и очигледно целта му е максимализирање на штетата врз Хуавеи во критичен момент на трговските преговори.“ – оцени извршниот директор на Хуавеи за Велика Британија, Џереми Томпсон.
Нова рунда преговори не е на повидок, но најзасегнатите компании се надеваат дека некаков напредок ќе биде постигнат на самитот на Г20 во Јапонија следниот месец, каде ќе се сретнат претседателите на двете земји.
Игор Трајков