
Судири во Хонг Конг на годишнината од трансферот на власта
Полицијата во Хонг Конг се судри денеска со демонстрантите кои ја одбележуваа годишнината од трансферот на власта во овој град од британски во кинески раце.
Во хаотичните сцени, полицијата со спеј и стапови се обиде да ги потисне демонстрантите пред локацијата каде секоја година се одржува церемонијата на кревање на знамето. Мала група демонстранти исто така се обидоа насила да се пробијат во зградата на кинеската власт во Хонг КОнг.
Тензиите во Хонг Конг ескалираа по протестите против контроверзниот закон кој предлагаше екстрадиција на осомничени и осудени лица во Кина.
Иако владата во Хонг Конг се согласи да го повлече овој предлог закон, протестите и собирите продолжија а се засилија и повиците за оставка од главниот администратор Кери Лам.
Во Хонг Конг традиционално секоја година се одржуваат протести на про-демократските сили кои го одбележуваат трансферот на власта.
Голем број луѓе се очекува да излезат на улиците на најавениот масовен протест попладнево, иако полицијата апелираше до организаторите да го скратат или целосно откажат настанот заради стравувањата од нови безбедносни инциденти.
Демонстрантите денеска започнале да ги блокираат патиштата кои воделе до зградата каде требаше да се одржи церемонијата на кревање на знамето, додека пред објектот полицајците со штитови и прачки се судриле со стотици демонстранти , 30-тина минути пред почетокот на церемонијата.
Полицијата ги осуди незаконските постапки на демонстрантите за кои тврди дека земале метални објекти од блиските градилишта и со нив ги нападнале полицајците.
Подоцна беше соопштено и дека најмалку 13 припадници на безбедносните сили биле пренесени во болница откако демонстрантите фрлиле непозната течност кон нив, заради која дел од нив имале и проблеми со дишењето.
Никола Илиевски