
Судири во Хонг Конг , грандиозна воена парада во Пекинг по повод 70-годишнината од основањето на НР Кина
Демонстрант кој учествуваше денеска во анти-владините протести во Хонг Конг беше застрелан денеска во градите, потврди полицијата.
Инцидентот се случи додека илјадници луѓе се судрија со полицајците во центарот на градот и покрај забраната за одржување протести по повод 70-тата годишнина од основањето на Народна Република Кина.
Во дел од претходните судири со демонстрантите во Хонг Конг, на протестите кои траат речиси 4 месеци, полицијата користеше гумени куршуми, но ова е прв инцидент со употреба на огнено оружје.
На денешниот протест, организиран под името “Ден на тага”, во повеќе населби во Хонг Конг на улиците излегоа илјадници демонстранти. Ж
Тие потоа започнале да се обединуваат во центарот на градот а набргу потоа избувнале и судири со полицијата на најмалку 4 локации.
Полицијата со солзавец и водени топови се обидуваше да ги разбие демонстрантите кои ги нападнале припадниците на безбедносните сили со молотови коктели, камења и други предмети. Како поминуваа часовите, насилството стануваше се поинтензивно.
Според последните информации, најмалку 30-тина луѓе се повредени а двајца се во критична состојба, од кои едниот е демонстрантот застрелан во градите.
Во Хонг Конг, заради стравувањата од поголеми инциденти, затворени се најмалку 16 станици на метрото и бројни трговски центри.
За разлика од Хонг Конг, во Пекинг атмосферата е сосема поинаква.
Со грандиозна и масовна воена парада но и повеќе други церемонии се прославува 70- годишнината од основањето на Народна Република Кина.
На 1-ви Октомври 1949-тата година, Мао Цетунг го објави формирањето на комунистичкиот џин на истокот, по победата во крвавата граѓанска војна.
Претседателот на Кина Си Џинпинг, на плоштадот Тиенанмен преполн со припадници на кинеската армија, подвлече дека ниту една сила не може да го запре кинескиот народ од прогресот кон кој се стреми.
Во кусиот говор, кинескиот лидер испрати порака и до анти-владините демонстранти во Хонг Конг, порачувајќи дека владата во Пекинг останува посветена на стратегијата една држава – два системи.
“Мораме да останеме посветени на стратегијата на мирното обединување и на принципот “една држава – два системи”. Ќе го задржиме долгорочниот просперитет и стабилност на Хонг Конг и Макао, ќе го унапредиме мирниот развој на односите преку теснецот со Тајван, ќе ја обединиме целата земја и ќе продолжиме да се стремиме кон целосно обединување на нашата држава” – изјави Си Џинпинг.
Според министерството за одбрана , околу 15 000 припадници на армијата, 580 тенкови, оклопни транспортери и други елементи од воениот арсенал и 160 авиони биле дел од воената парада.
Дел од военото дефиле била и најновата воена технологија на Кинеската армија, вклучувајќи ги и интерконтиненталните проектили ДФ-41.
По воената парада низ плоштадот поминаа и над 100 000 цивили, фармери, наставни и професори и студенти.
Настанот го следат официјални претставници на кинеската влада и преставници на странските држави, но преку малите екрани и повеќе стотици милиони кинези од целата држава.
Никола Илиевски