Сценариото за „подметнат пожар“ во позадина, се зголемува бројот на жртвите

Бројот на мртвите во катастрофалниот пожар кој го пеплоса брегот крај Атина утринава се зголеми на 88. Ноќта во болницата не ја преживеала 42-годишна жена која докторите се обиделе да ја интубираат, но залудно. Десетина од хоспитализираните се уште се во критична состојба.

Трагично заврши и судбината на деветгодишните близначки Софија и Василики. Детективот кој беше ангажиран од очајните родители ги пронајде телата на девојчињата во прегратка со бабата и дедото кои заедно бегале кон плажата во Мати. Потрагата по нив ја крена целата јавност, а целата приказна доби нов тек кога нивниот татко рече дека ги препознал на една телевизиска снимка, но потоа се заклучи дека тоа се некои други девојчиња.

Во меѓувреме, истрагата за пожарите продолжува, но сценариото дека станува збор за намерно предизвикан криминален акт сега се става во позадина. Заклучокот на Одделот за борба со криминал, е дека сепак првата искра била предизвикана од небрежност во областа Кинета. На сателитските снимки се гледа човек кој пали суви гранки, и покрај тоа што дува силен ветер во шумата. Идентитетот на овој човек и е познат на полицијата и тој веќе е дел од истрагата. Полициски извори информираат дека при распитот тој многу доцна сфатил што се случува и дека предизвикал смртоносен пожар.  Дополнително од Одделот за криминал не идентификувале направи со запаллив механизам, како што претходно тврдеше министерството за цивилна заштита. Пожарот од Кинета молњевито се симна до регионите Рафина и Пентели. За локалните власти на овие најпогодени града, грешката е во тоа што немало доволно пожарникари.

  • Пожарот веќе се ширеше, а пожарникарската служба немаа доволно ресурси за борба со пожарот, бидејќи се справуваа со големиот пожар во Кинета. Искроено да ви кажам, пожарот отпрво беше потценет. Но во нашиот регион нема многу пожарникари, не сме богат регион, и се снаоѓате со она што ви е на располагање, вели градоначалникот на Рафина.

И денеска трае идентификацијата на жртвите. Форензичарите јавуваат дека меѓу загинатите има бројни деца. Нуркачите не престануваат со потрагата по исчезнатите. Велат дека се среќни кога не наоѓаат ништо.

Селото Мати во Рафина се покажа како смртоносна замка за луѓето кои се обидуваа да стигнат до морето, бегајќи од пламените јазици. Ова мало место оддалечено на еден час од Атина, беше омилено летувалиште на пензионерите кои за време на летниот распут со себе си ги земаа и внучињата.

 

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ