Столтенберг: Воздушните удари ја намалуваат можноста од нови хемиски напади во Сирија

Воздушните удари во Сирија, што во саботата ги извршија САД, Велика Британија и Франција, ја намалуваат способноста на сириската Влада да изврши нови хемиски напади. Ваква е оценката на Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг кој  денеска престојува во посета на Турција на средби со претседателот Реџеп Тајип Ердоган, со шефот на дипломатијата Чавушоглу, и со министерот за одбрана Џаникли. Според Столтенберг нападите претставуваат „јасна порака“ за сирискиот претседател Башар ал-Асад и Иран.

Официјална Москва денеска соопшти  дека нема да се меша во работата на мисијата на Организацијата за забрана на хемиско оружје, чии иследници во Сирија треба да истражат дали имало напад со хемиско оружје. Во соопштението од Амбасадата на Русија во Хаг се наведува дека нападите врз три постројки во Сирија биле обид „да се поткопа кредибилитетот на мисијата“.

Од друга страна преставничката на кинеското МНР, Чуен Jинг истакна дека е неодговорен нападот под изговор дека сириските власти употребиле хемиско оружје, а за тоа немало истрага. Денеска илјадници Сиријци се сообраа на митиниг во Дамаск за поддршка на сирискиот претседател и на Армијата на Сирија. Учесниците беа организрани под мотото „Поздрав за успесите на сириската арапска армија“ а собирот го завршија со голем огномет, и пукотници во воздухот.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ