
Стогодишнина од крајот на Првата светска војна – Макрон: Национализмот е предавство на патриотизмот!
Врне на денот од историскиот потпис на примирјето со кое се стави крај на Првата светска војна. Присутни речиси сите светски лидери. Рускиот претседател пристигна утринава, додека Трамп е во Париз од вчера.
Бијат камбаните низ Париз и местата симбол на Првата светска војна низ Франција. Во точно 11 часот, во истиот час кога пред 100 години завршија непријателствата, а со тоа и кравата војна која ќе го одбележи и навести векот на катаклизмите.
Штета што сите државници закаснија на настанот.
Францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел ја водеа поворката од околу 70 шефови на држави и влади кои од Елисејската палата се упатија кон Триумфалната капија.
Доналд Трамп не помина од Елисејската палата и директно со претседателскиот кадилак сам се упати до Триумфалната капија.
На прославата се обрати Макрон, кој сакаше да предупреди дека денеска постои закана историјата да ни се повтори, дека одговорноста е на лидерите од денешницата и на децата мора да им оставиме свет за кој сонуваа генерации.” Макрон порача дека национализмот значи изневерување на патриотизмот.
„Визијата на Франција, како великодушна нација, Франција како иницијатор на идеи, Франција како иницијатор на универзалните вредности, секогаш била –и за време на своите темни часови – сосема спротивното од егоизмот, од народите кои се грижат само за својот интерес. Затоа што патриотизмот е целосна спротивност од национализмот: национализмот е изневерување на патриотизмот. Во поставување на нашите интереси пред се, без разлика што се случува со останатите, го бришеме највредното што една нација го има, што ја прави жива, што ја прави голема и што е најважно: нејзините морални вредности“.
Пораки како директно наменети пред се за американскиот претседател, кој не го задржа апломбот и со гримаси реагираше на зборовите на Макрон.
„Знам, демоните од минатото се будат, спремни да ја исполнат својата задача на хаос и смрт. Нови иделогии манипулираат со религиите, се залагаат со заразна мрачнина. Историјата се заканува да го пронајде својот трагичен пат и до го загрози наследството на мирот, за кој мислиме дека сме го запечатиле со крвта на нашите претци“.
Црта мрачна слика Макрон за овој наш век кој се повеќе наликува на минатиот. Нека биде потсетување и нека послужи како освестување.
Покрај гробот на непознатиот војник заживеа огнот во чест на загинатите од Првата светска војна со звуците од „Болеро“ на Равел.
Ивор Мицковски