Стапија во сила санкциите кон Иран, но Техеран најави кршење

Стапија во сила американските санкции кон Иран, а Техеран најави нивно кршење. Во обраќањето до нацијата иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека нацијата е соочена со “економска војна”, со што се подигаат тензиите во Блискиот исток и најави дека Техеран ќе ги крши и ќе продолжи да продава нафта.

Санкциите кои денеска стапија во сила претходно беа укинати со потпишување на мулти-латералниот договор од 2015 година. Американските санкции се однесуваат на транспортниот, финансискиот и енергетскиот сектор на Иран, а тоа е втор пакет санкции откако американскиот претседател Доналд Трамп се повлече од Договорот во мај годинава.

Со санкциите на САД ќе се казнуваат и државите кои ќе продолжат да увезуваат иранска нафта, како и странските компании кои соработуваат со ирански фирми од така наречената црна листа, но за осум неименувани држави нема да важат санкциите.

Од Иран се бара да престане да го поддржува тероризмот, да се повлече од Сирија и целосно да ја укине Програмата за развој на нуклеарно оружје и балистички ракети.

Американските санкции ги поздрави Израел, додека Европска Унија, Франција, Германија и Велика Британија претходно во заедничко соопштение порачаа дека жалат поради таквата одлука на Вашингтон.

Во Иран пак започна годишната воена вежба на противвоздушната одбранана која  ќе трае два дена, снимките ги објави државната телевизија. Рохани повторни дека Иран ќе ги преброди санкциите.

Билјана Ставрова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ