
Стапија во сила европските царини за американски производи
Реципрочните трговски мерки на Европската унија против новите царини на САД врз челик и алуминиум денеска стапија во сила. Царини се воведуваат за челикот, Харли Дејвидсон мотоциклите, тутунот, бурбонот и сок од портокал, меѓу другите производи. Европските царини генерално ќе бидат од околу 25 отсто. Но експертите тврдат дека и покрај помпезното најавување сепак царините не прават толку голема штата.
„Целата работа има фолклорен карактер затоа што царините, и од двете страни, не прават вистинска штета. Не станува збор за трговска војна ова може да е само подготовки за почеток на таквa“, вели Роберт Халвер, директорот на одделот пазарно истражување во Бадер банк.
Впечатокот е дека производите на кои Брисел воведе царини се специфично селектирани за да се постигне максимален политички ефект. Бурбонот се произведува во Кентаки, државата од каде доаѓа лидерот на мнозинството во Сенатот Мич Меконел, портокалите се главен извозен производ на Флорида, клучна неопредела држава во САД. Аналитичарите очекуваат одоговор од Трамп затоа што во ноември има избори за претставници во Конгресот. Во производството на сите овие продукти директно учествува главната гласачка база на Трамп.
„Трамп е доволно паметен за да не претера. Точно знае дека ако започне трговска војна, американските фармери кои гласаа за него ќе почнат да протестираат, затоа што веднаш ќе сфатат пченката и пченицата кои ги произведуваат нема да се продаваат толку добро“, вели Халвер.
И двете страни тврдат дека нема да се зголемат малопродажните цени како резултат на новите царини, но Американската асоцијација за облека и обувки, пресмета дека трошоците на едно просечно семејство со четворица членови ќе се зголемат дополнителни 500 долари годишно. Не се исклучува и како разултат на зголемените малопродажни цени, трговските компании да побараат снабдувачи од други држави, што ќе предизвика дополнителни проблеми во американската економија која администрацијата не ги предвидела започнувајќи ја трговската војна со довчерашните трговски партнери.
Игор Трајков