Станаа ли Трамп и Макрон најдобри другари?!

Црвени теписи, воени салутирања, фанфари со француската и американска химна и многу насмевки, во првата официјална посета на новиот најдобар пријател на Трамп, Емануел Макрон.

Дали другарството ќе опстане, ќе покажат трите дена од посетата, каде Макрон го вложува и тестира својот меѓународен кредибилитет пред еден тежок соговорник, за кој се зборува дека само французинот знае да му прошепоти, тоа што Трамп сака да го чуе. Ништо помалку забележива беше и синтонијата во бело, помеѓу Меланија и Брижит.

„Господине претседател, сите зборат какви добри односи имаме. И всушност се во право. Не станува збор за лажни вести, конечно. Не се лажни вести. Затоа е голема чест, голема чест што сте тука. Ние навистина имаме специјални односи“, истакна Трамп.

Претходно, Трамп и Макрон понудија гламурозна слика од новото пријателство. Двајцата државници, придружени од првите дами, го посадија францускиот подарок, даб од шумата Бело, каде во јуни 1918 година, за време на Првата светска војна, во една од клучните битки, ќе загинат 2 ијлади американски војници.

Симболичен подарок, кој освен што потсетува на историјата на двата најстари сојузници, повикува и на еколошките теми и на одлуката на Трамп да се повлече од парискиот климатски договор.

Но, покрај климата, темите се бројни. Меѓународна трговија, борба против тероризмот, Сирија, но пред и над се, најважна од сите е темата за нуклеарниот договор со Иран и влошените односи на Вашинготн со Техеран, меѓу кои токму Париз се обидува да се наметне како посредник.

„Луѓето го знаат мојот став околу договорот со Иран, тоа е ужасен договор, не требаше никогаш, никогаш да се постигне. Можевме да направиме добар договор или разумен договор. Договорот со Иран беше ужасен договор“, кажа Трамп.

На темата Иран, Макрон е меѓународниот портпарол, кој ќе се обиде да го вразуми Трамп, зошто екслацијата со Техеран може само да ја влоши веќе и онака лошата ситуација на Блискиот Исток.

„Договорот со Иран е важна тема, ќе зборуваме за тоа. Но, мора на тоа да гледаме во рамките на една поширока слика, која што е безбедноста на целиот регион. Ја имаме сириската ситуација, не очекуваат избори во Ирак, мораме да ја зачуваме стабилноста за нашите сојузници во регионот, и тоа што сакаме да постигнеме е да го воздржиме иранското присутво во регионот“, кажа Макрон.

Засега, идиличната атмосфера не му донесе никаков резултат на Макрон. Разликите помеѓу двајцата се огромни, како идеолошки, така и стилски. Трамп е протекционист и популистички националист. Макрон е глобален технократ и претеран либертаријанец. Дури и кај партнерите се колку може поразлични. Трамп е во трет брак со 24 години помладата манекенка, Макрон е среќно оженет со својата прва и единствена сопруга, 24 години постарата Брижит.

Но, којзнае, велат разликите се привлекуваат.

Макрон во својата офанзива да стане лидер на Европа, мора да пројде преку Трамп, и преку својата успешност да влијае врз него.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ