Специјално воспитување за невладиниот сектор и независните медиуми во БиХ

Власта во Република Српска има намера да донесе Закон за јавност за работењето на непрофитни организации, што би било директен удар на невладиниот сектор, но пред се, на медиумите во овој ентитет на БиХ, кои функционираат благодарение на странски донатори.

Целта на тој закон е потполно јасна – актуелната власт во Бања Лука сака невладините организации кои се финансираат од странски донации да ги прикаже како странски платеници и со самото тоа како домашни предавници. Аналогно на ова, власта, која стои позади вакво драконско, ретроградно решение, ако се мери според аршините на естаблишментот, е патриотска.

„Патриоти се, секако, оние кои се во власта и кои управуваат со тие процеси, а од друга страна ги имате навладините организации кои се етикетираат како странски платеници и домашни предавници, а притоа немате ниту еден доказ за тоа“, оценува блогерот Срѓан Пухало.

Оваа матрица подолго е актуелна во овој ентитет, и врз нејзина основа, режимот на Милорад Додик веќе предолго опстојува, а упатувањето на нацрт законот за јавност на работата на непрофитните организации во Собранието и тоа по итна постапка, сведочи дека е потребно да се најде „јасен непријател“ во предизборната кампања што претстои.

„Гледано хронолошки, во суштина, се што ја интересира оваа власт е да ги држи работите под контрола. Се што излегува од нејзина контрола, всушност, прави проблем. Како и се што има под контрола предизвикувва благо гадење на истите луѓе кои го прават тоа“, вели главниот и одговорен уредник на проектот „Врева“, Александар Трифуновиќ.

Тој јасен непријател е, како што смета власта, невладиниот сектор, вклучувајќи и неколку медиуми, поточно портали, кои укажуваат на девијантните појави во општеството во кое живееме.

„Она што е важно е, дека имате една црно-бела слика во која, тие луѓе, кои ги нарекувате странски платеници и домашни предавници ги дискредитирате на сите можни начини, не само нивната работа, туку и луѓето како личности. Реално, утре секоја будала на улица има право да ве застане, да ви ја скрши главата бидејќи, Боже мој, некој од владата, претседателот на Република Српска или некој политичар рекол дека сте странски платеник и домашен издајник“, нагласува Пухало.

Ставањето на законот во итна постапка, не го спречи ни пропратната документација, која оди со законот, и во која е нагласено дека е неприменлив.

Претседателот на РС, Милорад Додик најави носење на законот до крајот на летото, велејќи дека е во согласност со праксата во многу земји.

„Никој не им брани да продолжат да го прават тоа, само што тоа ќе мора да се контролира од гледиштето на информирање на јавноста кој што добил и кој што прави“, рече Додик. (9 јуни 2018 година, извор СРНА)

„Една од најголемите штеточини на овој простор, Република Српска е актуелната власт која успеа, за повеќе од десет години апсолутно владеење  да не задолжи за милијарди странски пари, пари за кои нас не крититикува. Ентитетот , да ги задолжи генерациите кои доаѓаат, кои по она што го гледаме, не сакаат да останат овде. Тие луѓе си заминуваат“, вели Трифуновиќ.

Од Владата на Република Српска стигна објаснување дека станува збор за акт препишан од американското законодавство, што е целосно неточна информација. Но, е многу интересна, бидејќи стигна и до рускиот претседател Владимир Путин, кој Додик, за време на средбата во Санкт Петербург, го извести дека, како што рече, работи на уривање на Република Српска.

„Го запознав Путин со многу проекти кои сакаат да ја ослабат Република Српска. Го запознав со огромното издвојување пари, пред се , од Американците кои вложуваат 12 милиони долари за помош на медиумите и шест милиони за програмата за таканречено спречување на руското влијание, што е работа која во Босна може да се сврти само против нас. Тука кога ќе ги додадете Британците, кои имаат таква слична програма и многу други кои имаат скриени програми, тоа зборува колку пари се подготвени за да се дестабилизира Република Српска и да се доведат послушници кои би требало да ја завртат РС, пред се, кон нејзино исчезнување“, рече Додик за РТРС по средбата со Путин на 25 мај во Санкт Петербург.

Вистина е дека од САД се дава помош на невладиниот сектор и на медиумите, но помош стасува и од органите на власта на РС на оние НВО и медиуми кои се под нејзина контрола. А, тој дел воопшто не е опфатен со законот. Доволно е да се потсети дека токму власта на Додик, на почетокот на 2010 година им подели 14 милиони марки а медиумите.

„Никогаш не видовме ниту еден извештај што направија тие луѓе кои ги добија  парите со медиумите и со тие пари, со нашите пари“, тврди Трифуновиќ.

Приказните за американските донации се само несмасен повод за Нацрт законот за јавност на работата на непрофитните организации, а вистинската причина лежи во желбата на власта, колоквијално кажано, да им се затвори устата на мал број критичари во РС.

„Секогаш кога има било каков бунт, било каков протест, секогаш се покренува прашањето и секогаш има обиди да се сврти и вината и вниманието на некакви странски центри на моќ на кои управуваат со се. Всушност, намерата е да се загуши било каква критика“, смета Ивана Кораљиќ од Транспаренси Интернешнл БиХ.

Посебно е интересно што Додик за се го извести Путин, претседателот на државата која уште во 2012 година донесе закон сите НВО кои примаат финансиска помош да се пријават како странски агенти. Тој закон во Русија, во 2015 година е надграден со нов, кој овозможува забрана за работа на невладините организации кои руските власти и претседателот Путин ги сметаат за непожелни.

Нема никакви дилеми дека Додик негува путиновски амбиции кон невладиниот сектор бидејќи во нацрт-законот се прецизира дека на непрофитните организации не им е дозволено политичко дејствување.

„Тие политички активности се дефинирани како секој облик на некакво делување заради формирање јавно мислење, делување кон институциите и слично, што е потполно апсурдно бидејќи секоја организација која делува во одредена област, главно, ги насочува своите активности за да унапреди некои работи, се обидува да влијае на процесот на донесување одлуки, да ја информира јавноста…Испаѓа дека секој облик на делување се сведува на формирање на јавно мислење“, објаснува Кораљиќ.

Се огласија и невладините организации, остро протестирајќи против наметнувањето на вакво законско решение за кое не се знае дури ни кој е предлагач.

До крајот на летото, до кога Додик најави усогласување на законот, остана уште време и неколку заседанија на парламентот. Актуелната власт, што е интересно, одеднаш се стиша околу овој документ, тој се уште е во процедура, а ако биде усвоен, ќе го врати општеството во најмрачниот дел на Средниот век.

„Не мислам од никого да барам дозвола да работиме. Ако условите бидат такви, неподносливи за работа, ако морам да барам дозвола да мислам, нема да живеам овде. И тоа отворено го кажувам. Тоа е силата на мнозинството и со таа прислилба не сакам да се согласам. Тоа значи дека се согласувам на неслобода, тоа би значело дека се согласувам да работам во услови во кои се спалувани луѓе заради правото на слободна мисла“, заклучува главниот и одговорен уредник на „Врева“.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ