
Социјалдемократот Зоран Милановиќ – нов претседател на Хрватска
Хравстака по се изгледа го избра својот нов шеф на државата. Овојпат се менува страната. Актуелната претседателка и кандидат на владејачката конзервативна партија ХДЗ, Колинда Грабар Китаровиќ заминува во историјата, а на нејзино место доаѓа социјалдемократот и поранешен премиер, Зоран Милановиќ.
По првите излезни анкети во таботот на кандидатката Грабар Китаровиќ владее молк. Скаменето ги гледаа резултатите според кои противкандидатот Милановиќ е во убедливо водство од 53% од гласовите, за разлика од неа со освоени 47% од гласовите.
Статистичката грешка е еден процент. Но, кога ќе се соберат гласовите од Босна и Херцеговина, каде излезноста беше огромна, Грабар Китаровиќ речиси и да нема шанси да го победи Милановиќ.
Во неговиот табор веќе се слави. Од изборниот штаб на Милановиќ велат дека не очекувале толкава победа, иако се убедени дека нивниот кандидат бил подобар.
- Нема тука порака, поракате е дека Зоран беше подобар кандидат. Луѓето го видоа, му поверуваа и го избраа.
120.000 граѓани повеќе од првиот круг излегоа на гласачките места. Но, гласачите на независниот кандидат Мирослав Шкоро, кој беше трет во првиот круг, останаа дома, и не го дадоа гласот за Грабар Китаровиќ која се надеваше на нив за нов петгодишен мандат.
Она што му помогна на Милановиќ да ги освои неопределените гласачи беше последната дебата, на која тој според аналитичарите бил супериорен и доминирал, додека Грабар Китаровиќ обидувајќи се да биде смирена, всушност ја кирела непријатноста во која ја довел противкандидатот со својот говор. Токму таа негова одлучност ги убеди гласачите да излезат и да го поддржат.
Овие избори во Хрватска се еден вид одмерување на силите на политичките партии, но и предвесник за тоа како би завршиле парламентарните избори кои треба да се одржат годинава.
Хрватска веќе го презеде претседателството со ЕУ, и следниве шест месеци под нејзино водство ќе се решаваат прашањето за Брегзитот, а Македонија и Албанија од неа, очекуваат помош за да се одреди долгоочекуваниот датум за почеток на преговорите со унијата.
Сепак, и покрај европската перспектива, земјата се соочува со масовно иселување на младите луѓе, а нацијата се уште се бори со ендемската корупција и неразвиената економија која сериозно заостанува од другите западни земји членки на ЕУ.
Алиса Шутиноска