
Соработка на СЗО и Гугл за борба против дезинформации за коронавирусот
Шефот на Светската здравствена организација изјави денеска дека соработуваат со Гугл за да може при пребарување за новиот коронавирус во Кина прво да се прикажат информациите на СЗО за борба против „гласините и дезинформациите“.
Генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус рече дека и платформите на социјалните мрежи Твитер, Фејсбук, Тенсент и ТикТок исто така преземале чекори за да се „ограничи ширењето дезинформации“ за вирусот, кој од кинескиот град Вухан се прошири во 23 земји.
Шефот на СЗО минатата недела ја посети Кина и се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг со кој разговараше за вирусот.
Кина денеска потврди дека смртносниот вирус кој ја зафати државата продолжува бргу да се шири.
Кинеската национална телевизија соопшти дека во минатите 24 часа биле регистрирани речиси 3 000 нови случаи , со што вкупно во моментов има 17 205 случаи на болни со коронавирусот а досега починале 361 лице.
Државната телевизија емитуваше и снимки од внатрешноста на новоизградената болница во Вухан, во централна Кина, која беше изградена во рекорден период од 10 дена.
Ова е втор пат кинеските лидери да реагираат на нова болест со изградба на специјализирани болници. 2003-тата година, во екот на ширењето на тешкиот акутен респиратортен синдром – САРС, во Пекинг била изградена нова болница за помалку од една недела. Најголем дел од 11-те милиони жители на Вухан не смеат да го напуштат градот а за регионот околу овој град во централна Кина, прекинат е патниот, железничкиот и воздушниот сообраќај, при што околу 50 милиони луѓе се безмалку ставени во карантин.