
Сондленд: Трамп ни нареди да зивршиме притисок врз Украина
Дипломатот Гордон Сондленд, амбасадор на САД во ЕУ на сведочењето во Конгресот во рамки на процедурата за импичмент му го зададе можеби најтешкиот удар на Трамп до сега, коментираат американските медиуми. Пред конгресмените Сондленд изјави дека ги следел наредбите на претседателот да изврши притисок врз Украина да отвори истрага за Џо Бајден. Сондлен рече дека Трамп директно им наредил да работат со неговиот личен адвокат Руди Џулијани на политиката кон Украина.
Како поставен од претседателот ги следев насоките од претседателот. Работевме со г-динот Џулијани затоа што претседателот ни нареди така. Немавме никаква желба да поставуваме било какви услови врз Украинците,
сведочеше Сондленд.
Тој рече дека ги извршувал наредбите со верување дека отварањето на истрагата против Бајденови било услов во замена за организирање посета на Зеленски на Белата куќа. Т.н quid pro quo, услуга за услуга, но дури подоцна добил причини да се сомнева дека и помошта за Украина била условена со отварањето истрага.
Како што сведочев и претходно, барањата на Џулијани беа услуга за услуга, организирање посета на Белата Куќа на претседателот Зеленски. Џулијани бараше Украина да направи јавно соопштение дека отвара истрага за изборите во 2016, серверот на Демократската национална конвенција и Бурисма,
сведочеше амбасадорот.
Сондленд рече дека жестоко се противел на планот да се задржува одобрената помош за Украина во замена за гаранции за отварање на истрагата, но и додаде дека тој план не бил никаква тајна во Вашингтон. За се што направил под директива на Трамп во Украина, редовно ги известувал државниот секретар Мајк Помпео и други високи фунцкионери во администрацијата, како Џон Болтон и Мик Мулвејни.
Сите беа во тек, не беше никаква тајна. Сите беа информирани прему мејл на 19 јули, денови пред претседателскиот телефонски разговор. Како што му пренесов на тимот, му реков на претседателот Зеленски уште претходно дека гаранциите да се спроведе целосна и транспарентна истрага и да се провери под секој камен се неопходни во неговиот разговор со претседателот Трамп,
рече пред конгресмените тој.
Сондленд кој е богат хотелиер и донатор на Трамп, се појави како централна фигура во клучната недела за истрагата за импичмент во текот на која беа сослушани дури 9 сведоци во 3 дена. Доколку се пронајдат доволно докази и Трамп биде прогласен за виновен со гласање во Претставничкиот дом, тогаш ќе започне процедурата за импичмент во Сенатот. За да биде сменет од функцијата треба да гласаат две третини од сенаторите, каде мнозинство се токму републиканците.
Игор Трајков