
Солзи и прегратки на ратификацијата на Брегзит во Европскиот парламент
Реалноста на Брегзит конечно ја погоди и политичката елита во Брисел. Колегите се собраа за финалната ратификација во ЕП. За последен пат беа заедно со британските колеги. Иако немаше повеќе што да се каже за Брегзит, многумина истото го повторија, но овојпат и со зборот ЗБОГУМ.
Можам да кажам во име на сите нас, сите групи: Ќе ни недостасувате во иднина и наредните години, им порача европратеникот Ги Верхофштад.
Кај британските европарламентарци измешани емоции. Лабуристите, кои се залагаа државата да остане во унијата, со солзи се збогуваа од ЕП каде долги години работеа за демократијата.
Сега, иако ќе продолжите да се борите без нас, барем некое време, ние ќе бидеме со вас во тие битки, ќе мислиме на вас. Но, битката за подобра Европа, да се направи успех од ЕУ, продолжува, рече Ричард Корбет.
Најсраќен од сите е секако Најџел Фараж, кој цели две децении заговараше напуштање на унијата.
Ја сакаме Европа, само ја мразиме Европската унија. Многу е едноставно. Знам дека ќе ви недостасуваме, знам дека сакате да ни го забраните знамето, но ви мавтаме за збогум. И во иднина се надеваме на соработка, како суверен…, рече Фараж.
Микрофонот мораше да биде исклучен. Знамињата во ЕП не се дозволени, но контроверзниот Фараж го постигна саканото.
Ве молам седнете, спуштете ги знамињата, си заминувате, и земете ги со вас, ако си одите сега. Збогум, рече потпретседателката на ЕП Мејред Мекгинис.
Парламентот сега ќе има 73 пратеници помалку, но за оние кои помислуваат дека ова е почетокот на распадот на ЕУ, француските претставници се погрижија да укажат дека следната фаза е да се обнови Европа и да биде подобра. Следуваше гласањето кое беше само протокол и со 621 глас ЗА и 49 против, Брегзит беше ратификуван и преминува во закон.
Сепак, следуваат 11 месеци во кои Лондон и Брисел ќе треба да се договорат како ќе функцинираат во иднина, бидејќи Велика Британија си заминува со 600 меѓунардони трговски договори кои ќе мора да се решат.
Во петок на полноќ знамето на Велика Британија од пред ЕУ ќе биде дискретно симнато, во парламентот ќе продолжи дебатата за Брегзит, но сега без британските претставници.
Алиса Шутиноска