Солзавец и водени топови на Елисејските полиња

И третиот викенд од протестите на „жолтите елеци“ е со судири меѓу полицијата и демонстрантите, кои протестираат против растот на цената на горивата. Мораа да се употребат солзавец и водени топови за демонстрантоте да се спречат да го пробијат полицискиот кордон на Елисејските полиња во центарот на Париз. Но, ова не ги спречи да продолжат напред и да постават барикади, а потоа да почнат и да палат. Неколку полицајци беа испрскани со жолта боја, по што беше фрлен и солзавец. Уапсени повеќе од 100 луѓе. Илјадниците луѓе уште од рано утринава почнаа да се собираат на Шанзелизе поради зголемените животни трошоци и растот на цените на горивата. Протестите траат со недели, а разговорите со премиерот вчера доживеаа фијаско. Еден од организаторите ја напушти преговарачката маса, откако беше одбиено барањето средбата да се снима во живо на телевизија.

  • Им кажав дека не сакам да ја продолжам дискусијата бидејќи е невозможно да се снима средбата, изјави по средбата претставникот на „жолтите елеци“

Но, премиерот вели дека разговорот со другите демоснтранти бил корисен и дека неговата врата останува отворена.

  • Разговаравме еден час и овој претставник ни ги пренесе грижите на демонстрантите, нивната болка, гневот кој го слушал за време на разните средби со членовите на „жолтите елеци“. Зборуваше многу за куповната моќ која ќе се намали, ефектот кој мерките го имаат врз младите луѓе, работната класа во глобала. Беше сериозна и интересна дискусија. Слушавме и си разменивме мислења, вели премиерот Едуард Филип.

Но, властите стравуваат дека крајната десница и левица се обидуваат да се инфилтрираат во движењето на „жолтите елеци“. Ова денеска го потврдува и првиот човек на полицијата, кој напиша дека немирите ги почнале 1500 провокатори, наспорити останатите демонстранти кои биле сосема мирни.

Протестите почнаа пред три недели, кога на улица излегоа само возачите, но брзо им се придружија фаремрите, службениците, пензионерите. Сега „жолтите елеци“ станаа движње кое почнува да се шири и низ другите европски земји. Луѓето бараат да се намалат даноците, државата да почне да дели субвенции со кои би им се погнало на компаниите да вработуваат, да има поголема пензија и поголема миниална плата. Макрон минатата недела се обиде да ги смири, но стои на ставот дека нема да ги намали даноците за горивото, зашто тоа е единствениот начин за борбата против глобалното затоплување. Но, неговиот говор не ги убеди луѓето кои го обвинија дека лета многу високо и дека воопшто нема никаква поврзаност со обичниот народ.

 

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ