
Со 66 гласа ЗА, Косово доби нова влада, премиер и официјално е Албин Курти
По маратонската расправа, и четири месеци преговори меѓу Самоопределување и Демократскиот сојуз на Косово, изгласана е новата влада, чиј премиер е Албин Курти.
Со 66 гласа „за“, и десет воздржани, косовските пратеници ја изгласаа новата коалициона влада во која се Самопределување и Демократскиот сојуз на Косово. Владата има 15 министри и двајца вицепремиери, 33 заменици министри, што е големо намалување во однос на претходниот кабинет во кој имаше 23 министри и околу 80 заменици-министри.
Во владиниот кабинет на Курти има и двајца претставници на Српската листа. Министер за заедници и враќање е Далибор Јевтиќ, а министер за регионален развој Иван Милојевиќ. Српската листа, која има десет пратеници најави дека нема да гласа за владата на Курти. Според косовскиот Устав во неа мора да има претставници на немнозинските заедници.
Членка на Владата од групата „Шест плус“ во која се претставниците на малцинските не српски заедници е Емилија Реџепи, која ќе го води ресорот на администрација и локална управа. Нивни колега ќе биде и поранешниот македонски амбасадор и кандидат за претседател Блерим Река. Тој во новата влада е министер за евроинтеграции.
Претходно денеска пратеникот на Движењето Самоопределување, Глаук Коњфуца, поднесе оставка од функцијата претседател на косовскиот парламент бидејќи е нов министер за надворешни работи. Неговата позиција собраниски спикер му ја препушти на заменикот Арбериу Нагавици. Меѓу 15-те члена на кабинетот има и пет министерки- ресорите правда, образование, култура, администрација и економија ќе ги водат жени.
Пред гласањето Курти ги образложи приоритетите. Во експозето рече дека владата ќе се залага за ред, закон и безбедност, дека ќе воведат задолжителен воен рок од три месеци, а најави проверки во полицијата, обвинителството и царината.
Новиот косовски премиер рече и дека владата ќе усвои законодавство за казнување на воените злосторници, најави реформи во образовниот систем, поддршка за стопанство и вети дека во неговиот мандат буџетот на Косово ќе достигне три милијарди евра. Тој порача дека ќе владее отчетно и транспартно, врз основа на волјата на граѓаните и најави почитување на опозицијата, од која очекува да биде конструктивна и коректор на власта.
За односите со Србија, Курти изрази подготвеност за дијалог за нормализација, а најави реципроцитетни трговски, економски и политички мерки кон Србија.