
Словенија ќе испрати лекарски тим во Италија
Словенија планира да испрати во Италија лекарски тим, кој ќе се вклучи во борбата против новиот коронавирус. Станува збор за девет доктори и три медицински сестри кои доброволно се пријавиле на повикот и кои чекаат да им биде определено кога ќе тргнат за да им помогнат на италијанските колеги кои речиси два месеци се справуваат со тешките последици од епидемијата.
Од Управата за цивилна заштита на Словенија објавија дека „во примерот со Италија се работи за прв случај на испраќање лекари во друга земја преку системот за цивилна заштита“.
Словенија во борбата со епидемијата, освен кинески заштитни маски не доби друга медицинска помош и со кризата се бори исклучиво со сопствени средства и човечки медицински потенцијал.